јануари 28, 2015

Охрид, 28. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Кучињата скитници и натаму остануваат задолжителен декор низ охридските улици, а посебно во центарот на градот.

Во битката за храна, изгладнетите бездомни животни не ретко се движат во група со што предизвикуваат уште поголем страв кај граѓаните. Така беше и за време на одбележувањето на богојавленските празници во градот.

На Денот на рибарите, кога илјадници луѓе ја следеа манифестацијата на градското пристаниште и на езерскиот кеј, глутници кучиња во обид да стигнат до храна скокаа околу посетителите меѓу кои имаше и деца.

kucinja_skitnici2

Кучињата скитници шетаат и на градскиот плоштад и низ чаршијата. Граѓаните пак се жалат дека се чувствуваат небезбедни и велат дека истиот проблем со години наназад се провлекува, но никој не презема соодветни мерки.

Здружението за заштита и згрижување на бездомните животни „Анималиа“ од Охрид во своето скромно прифатилиште згрижува бездомни животни, но оттаму велат дека немаат соодветни услови, ниту капацитет за да ги згрижат сите кучиња кои лутаат низ охридските улици.

– Потребна е поддршка од институции, финансиска поддршка, поддршка во кадар, но тоа го немаме. Сега имаме четири кафези, но сето тоа е чиста импровизација и ако земе предвид Правилникот за изградба на прифатилишта, слободно можат да ни ги затворат. Меѓутоа, ние колку што можеме, а можеме, хигиенски ги исполнуваме условите. Кучињата се хранат секојдневно, вели претседателот на здружението „Анималиа“ Климент Арнаудов.

kucinja_skitnici3

Тој реагира на и појавата на труења на кучиња на улиците и во парковите,појаснувајќи дека тоа е крајно нечовечки чин за кој треба да следува и казна предвидена со закон.

– Несовесните кои го прават ова, не водат сметка и за другите импликации, како на пример, зараза на некое дете, можност за труење на друго милениче. Бевме гласни во поглед на тоа што се случуваше со труењето. Се обидувавме да дојдеме до информација која ќе не одведе до сторителот, но тешко оди тоа. Пред нашите очи, на кејот кај Зарчевци умре куче. Пријавивме во полиција. Има луѓе што и за цена од 100 денари ги трујат кучињата по нарачка на оние кои ги мразат животните. Законот за заштита на животни предвидува огромни казни за труење на кучињата, додава Арнаудов. (Крај)

извор: ОхридПрес  фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука