Скопје/Охрид, 13. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Каква е реалноста, а што известува државата во Извештајот до УНЕСКО, прашуваат од Еколошко здружение на граѓани Фронт 21/42.
Потсетуваат дека во ноември 2022 година беше презентирана Нацрт-риболовна основа за Охридското Езеро и неговиот слив, која не предвидува забрана за ловење на Охридска пастрмка, белвица и јагула. Истовремено Стратешкиот план за рехабилитација на Охридскиот регион, усвоен од Владата и исто доставен до УНЕСКО, предвидува риболовна основа со забрана за ловење на Охридска пастрмка, белвица и јагула.
– Риболовната основа се изработува пред да се усвои Законот за прогласување на Охридското Езеро за Споменик на природата, кој ќе дефинира различни заштитни зони и дозволени активности во секоја од нив (вклучувајќи го и риболовот). И покрај тоа што законот налага концесиите да бидат во согласност со риболовните основи, за Охридското Езеро се објави јавен повик и се одбра концесионер за риболов пред да се усвои риболовна основа. Сето ова во официјалниот Извештај до УНЕСКО е претставено како „имплементација на препораката 12 од РММ од 2017 година“, со следниов текст: „Риболовната основа согласно Законот за рибарство и аквакултура е изработена од овластена институција, и претставува стручна студија за начинот на користење на рибите, и во неа се уредени меѓу другото и заштитата на биолошката разновидност и начинот на порибување на риболовната вода.“ – реагираат од Фронт 21/42. (Крај)
извор: Фронт 21/42 фото: ОхридПрес