октомври 10, 2019

Скопје/Охрид, 10. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Како што се приближува рокот за исполнување на препораките од УНЕСКО, така манипулациите и игрите на актуелната власт со нашето најголемо природно и културно богатство стануваат се поочигледни, а нивните одговори се поапсурдни и очигледно невистинити.

Со вакви обвинувања излегоа денес од „Фронт 21/42“ во врска со носењето на Законот за управување со Охридскиот регион. Од невладината појаснуваат дека пред да се донесе Планот за управување, треба да има нов закон затоа што стариот кој се однесува на Охридскиот регион нема правен механизам за да се спречат и/или казнат прекршувањата на одлуките за мораториум, и/или на пример градење во строго заштитената зона.

– Во стариот нема ниту надлежен орган кој има законска ингеренција да врши инспекциски надзор на спроведувањето на мораториумот – во новиот Закон ова е јасно дефинирано. Не веруваме дека е случајно што во одлуките за „мораториум“ на двете општини е избегнат токму овој елемент – што ако не се спроведува и кој врши надзор (и казнување) за неспроведувањето“, велат од „Фронт 21/42“.

Дополнително од организацијата испорачуваат и две барања – Владата да го финализира Законот за управување со Охридскиот регион и да го пушти во собраниска процедура, а општините Охрид и Струга да ги ревидираат одлуките за мораториум.

– Се појави нова верзија на „мораториумот“ во општина Охрид – сега не важи ни за „отпочнатите постапки за отуѓување на градежно земјиште“. Одлуката е донесена на 26.09.2019 година, а Службениот гласник со истата е објавен на интернет на 07.10.2019 година. Отуѓување на градежно земјиште значи дека општината дава нејзино градежно земјиште на некој (инвеститор) да гради наместо неа за одреден финансиски надомест, со други зборови еден чекор кон ново градење“, стои во писмената реакција од „Фронт 21/42“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука