Фронт 21/42: Светското наследство во Охридскиот Регион го уништува корупција и организиран криминал
декември 4, 2024

Стразбург/Охрид, 4. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Постојниот комитет на Бернската конвенција денес во Стразбург ќе го разгледува спроведувањето на препораките за отворениот случај за заканите врз Охридското Езеро и Националиот парк „Галичица“ – не само што државата во изминатата година не спроведе ниту една од 15 препораки, туку за 4 состојбата е уште полоша, реагираат од Еколошкото здружение на граѓани Фронт 21/42.

– Минатата недела Центарот за светско наследство го објави Извештајот на мисијата на УНЕСКО од 2024 година, по трет пат експертите заклучуваат дека Охридскиот Регион ги исполнува критериумите за светско наследство во опасност, додавајќи дека несоодветните интервенции, урбанизацијата, неадекватното просторно планирање, инфраструктурните проекти, итн. нанесуваат неповратна штета поради што Охридскиот Регион може да ја изгуби Исклучителната универзална вредност во краток до среден временски период. Фронт 21/42 работи на зачувување на Охридскиот Регион полни десет години и немаме никакво сомневање дека единственото светско природно и културно наследство во земјава е жртва на невладеење на правото. Нашиот последен случај многу точно го илустрира уништувањето на вредностите благодарение на неспроведувањето и кршењето на законите токму од страна на институциите чија основна должност е истите да ги спроведуваат: Во април 2023 година, при една од редовните посети на терен, увидовме незаконски градежни активности на територијата на Студенчишко Блато, додека за истото важеше (и се’ уште важи) Решение за привремена заштита. Веднаш испративме инцијативи за инспекциски надзор до Државниот инспекторат за животна средина и до општинскиот градежен инспектор, кои прераснаа во шест месечна комуникација со сите релевантни иснпекциски служби ДИЖС, Инспекциски совет, Државен управен инспекторат, Државен градежен инспекторат и локални инспектори при Општина Охрид. Исходот од сето тоа беше непречен развој на нов урбан комплекс во рамки на блатото: Состојба на терен во септември 2023 година, по серија иницијативи за инспекциски надзор, наместо да бидат отстранети двете дивоградби се завршени, со основа за понатамошен урбан развој. Состојба на терен во јули 2024 година – пет дивоградби се завршени, две се во изградба, со основа за понатамошна урбанизација, стои во дописот на Фронт 21/42.

Додаваат дека ниту еден инспектор од сите надлежни инспекторати не ги спроведе доследно законските обврски. Од седум постапки на шест државни и два локални инспектори, за флагрантно кршење на повеќе релевантни закони и серија на кривични дела – само за еден надзор се изготвија решенија и тие беа очигледна празна формалност; не се спроведе ниту еден контролен надзор, дури ни по известувањето од Фронт 21/42 дека состојбата на терен е влошена.

– Благодарение на неспроведувањето на службената должност од страна на инспекторите, деградацијата на најзначајната од деветте жешки точки за биодиверзитетот на Охридското Езеро, ескалира – и сето тоа за имотна корист на сторители на кривични дела. Работејќи на случајот со дивоградбите, откривме дека земјиштето на кое се развива овој незаконски урбан комплекс е приватизирано противзаконски, благодарение на одговорни лица од Министерството за финансии и Државниот правобранител. Парцелите со дивоградбите (заедно со други околни парцели) се приватизирани како градежно земјиште во државна сопственост, додека во реалноста отсекогаш биле и сеуште се земјоделско земјиште. Приватизацијата е спроведена од одговорни лица од Управата за имотно правни работи при Министерството за финансии, кои издале Решенија за приватизација на градежно земјиште за кое знаеле дека е земјоделско и за кое немале никакви ингеренции да постапуваат. Дополнително, овие лица незаконската постапка ја спровеле врз основа на член кој овозможува приватизација (на државно градежно земјиште) без никаков надоместок. Во целиот процес се вклучени и вешти лица од истото министерство, а незаконските Решенија за приватизација на државно земјоделско земјиште станале правосилни благодарение на тоа што Државниот правобранител (чија основна должност е да ги штити имотно-правните интереси на државата) не преземал никакви дејствија. Ова е далеку од изолиран случај, напротив, нашето искуство е дека речиси во секоја постапка, речиси сите надлежни институции ги кршат речиси сите релевантни закони – една деценија директно сведочиме како управувањето со светското наследство и на централно и на локално ниво е дефиниција за невладеење на правото. За случајот со дивоградбите и незаконски приватизираните парцели во Студенчишко Блато поднесовме пријави до Основното јавно обвинителство за организиран криминал, Државната комисија за спречување на корупција, кривични пријави против поединечни лица и известување до Инспекцискиот совет, останува да видиме дали било која од овие пријави ќе резултира со отстранување на дивоградбите и поништување на противзаконските решенија за приватизација на земјиштето. До сега, искуството ни покажува дека единствен начин барем да се успори уништувањето на највредното природно и културно богатство во државата, е преку меѓународната заедница. Благодарение на случајот пред Бернската конвенција (барем засега) го стопиравме усвојувањето на предлог Законот за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата, кој покрај останатото, на сопствениците на овие незаконски приватизирани имоти со дивоградби им даваше приоритетно законско право да учествуваат во дефинирањето на дозволените активности во зоната во која им се лоцирани градбите, реагираат од Фронт 21/42. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука