Охрид/Скопје, 27. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Наместо случајот Маврово да ни биде лекција, во 2014 се најави инфраструктурниот бум во Националниот парк „Галичица“ и на крајбрежјето на Охридското Езеро, посочува Александра Бујароска од невладината организација „Фронт 21/42“.
Во интервју за Утрински весник Бујароска дава образложение за заштитата на природата, која според ставот на еколошката организација „Фронт 21/42“, „мора да е приоритет во развојните планови, а Македонија треба да ги насочи своите инвестиции кон енергетска ефикасност наместо кон отворање нови рудници на лигнит и термоелектрани“.
Во врска со најавениот инфраструктурен проект во Националниот парк „Галичица“ и на крајбрежјето на Охридското Езеро, Бујароска додава дека бил направен преседан.
– Се пристапи кон менување на зоните на заштита во паркот со цел да се овозможи имплементација на проектите, што е спротивно на Законот за заштита на природата. Активностите за имплементација на проекти доведоа до остра реакција на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО кој објави дека во случај да се потврди веќе констатираната потенцијална опасност, можно е вбројување на подрачјето на Листата на светско наследство во опасност. Ова покажува дека во името на неодржлив и неплански развој се уништува нашето најголемо богатство и тоа со одобрение од оние органи кои се најнадлежни да го заштитат. Потребно е ревидирање на политиките и плановите за развој во согласност во политиките за заштита на природата, потенцира Бујароска. (Крај)
извор: Утрински/ОхридПрес фото: архива