Охрид, 9. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот градски мешн хор „Вокс Лихнидос“ постои пет децении и настапувајќи на позначајните свечености во градот, дава голем придонес за нивното реализирање и се наметна како значаен субјект од областа на културата во Охрид.
Хорот е под водство на диригентот Бурим Хидри, а утре во Охрид ќе го одржи годишниот концерт, кој за прв пат има меѓународен карактер.
– Преку Интернационалниот годишен концерт на хорска музика сакавме искуствата од хорските фестивали кои ги посетуваме со „Вокс Лихнидос“, сакавме да ги пренесеме тука, но сакавме и убавините на градот да ги претставиме пред нашите колеги со кои се среќавме на фестивалите, рече Хидри, кој беше денешен гостин во емисијата Радио Корнер на Супер радио.
Супер радио: Кога минатата година ни гостувавте во емисијата Радио Корнер, рековте дека идните планови на градскиот мешан хор „Вокс Лихнидос“ се оваа година, својот годишен концерт да го трансформирате во меѓународен годишен концерт на хорска музика. Како успеавте да го реализирате тоа?
Хидри: Преку Интернационалниот годишен концерт на хорска музика сакавме искуствата од хорските фестивали кои ги посетуваме, да ги пренесеме тука, но сакавме и убавините на Охрид да ги претставиме пред нашите колеги со кои се среќавме на фестивалите. Успеавме во идејата бидејќи Министерстворо за култура овој настан го препозна како значаен за градот и ни помогна во самата релизација. За помошта во реализирањето на идејата, би сакал да им се заблагодарам на општина Охрид, ЈП „Билјанини извори“, Центарот за култура „Григор Прличев“, „Топ маркет“, Lounge bar „Objectif“, „Градинар“ Охрид, „Мега продукција“ и Работилница „Книговез“.
Супер радио: Кога и каде ќе се одржи концерот?
Хидри: Католичката црква има извонредни акустични услови за хорско пеење и благодарни сме што ни излегоа во пресрет за концертот да го одржиме таму. Почнува од 20:00 часот, во среда на 10-ти јули, а за сите љубители на хорската музика влезот е слободен.
Супер радио: Колку хорови и од кои земји ќе бидат Ваши гости на концертот?
Хидри: Ова е наш традиционален годишен концерт, но овој пат збогатен со гостувања на хорови од регионот. Проектот, односно фестивалот е насловен „Музиката зближува“, а ќе настапат хорови од Македонија, Србија, Бугарија и Косово. Организациски се’ е подготвено, очекуваме уште денеска да пристигнат хористите, кои ни се гости. Очекувам да имаме и што побројна публика и да ја промовираме нашата регионална култура.
Супер радио: Неодамна гостувавте на хорски фестивал во Романија. Како поминавте таму, какви се импресиите?
Хидри: Со „Вокс Лихнидос“ гостувавме на реномиран меѓународен хорски фестивал со долга традиција, во градот Питешти во Романија, блиску до Букурешт. Тоа беше негово 27-мо издание, каде се претставија извонредни хорови. Ова беше одлична можност за размена на искуства и воспоставување на контакти. Во иста вечер со нас настапија и хорови од Албанија, Грција и домаќинот Романија. Поразговараме за нашите планови во иднина и јас сум презадоволен од нашите настапи, а потврда добивме и од публиката и колегите кои присуствуваа на фестивалот. Она што е значајно за нас е што на ваквите настани може да се споредуваме со другите учесници, да увидиме до каде сме со работата и преку сето тоа да напредуваме.
Супер радио: Кој присуствувал на Ваш настап ќе го воочи ентузијазмот со кој работите, спојот на генерации и позитивната енергија која ја црпите едни од други. Примате ли нови хористи и како да Ви се придружат заинтересираните?
Хидри: Хор „Вокс Лихниос“ е градски хор, достапен за секого и секако дека примаме нови членови. Се разбира, покрај ентузијазам и љубов кон хорската музика, заинтересираните тие треба да поседуваат и одредени вокални капацитети. Пробите се одржуваат два пати неделно, во вторник и во петок во Центарот за култура „Григор Прличев“. Летово малку ќе одмараме, а на пробите ќе им се вратиме од септември. Следното гостување е во октомври во Србија, на фестивал во градот Врњачка бања.
Емисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес