Скопје, 30. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Хонорарците во петок, 6 февруари ќе протестираат пред Министерството за труд и социјална политика.
Хонорарците веќе испратија реакција во врска со исплатата на хонорарите и поднесување на пресметки на придонеси за договори за дело и авторски договори.
– Да одиме во МТСП и да си ги побараме одговорите што ни ги должат! Цел јануари многумина од нас не добија хонорар, АЈДЕ ДА ПРАШАМЕ! На некои им прекина авторскиот договор АЈДЕ ДА ПРАШАМЕ! Не не прашуваа кога решаваа во лето да сменат 5 закони, ајде сега НИЕ да ги ПРАШАМЕ!, апелираат хонорарците на излезеност на протестот.
Секој хонорарец поднесува барање за информација од јавен карактер до министерството по што им се придружува на останатите кои стојат пред министерството. Поднесувањето барања се планира да трае два часа.
Од Управата за јавни приходи, пак, во врска со информациите кои изминатите денови се објавени, велат дека „не биле точни изнесените информации дека во изминатиот период имало застој во исплатата на хонорарите заради УЈП и дека исплатата може да почне откако УЈП ги објави најниската и највисоката основица за пресметка на придонесите за оваа година“.
– Објавата поврзана со просечната плата за месец јануари 2015 година и на најниската и највисоката основица за пресметка на придонеси за 2015 година е вообичаена, односно овие податоци УЈП ги објавува на почетокот на секоја календарска година и истите немаат поврзаност и не се однесуваат на начинот на пресметка на придонесите за договорите за дело и авторските договори. Укажуваме дека исплатата на хонорарите на сметка на хонорарците треба да се врши согласно роковите кои ги договориле договорните страни, а како и досегашната пракса и обврска, исплатувачот во моментот на исплатата на хонорарот истовремено треба да го пресмета и уплати персоналниот данок. Што се однесува пак до пресметката на придонесите за договорите за дело и авторските договори, истите потребно е да се подготват и достават до УЈП најдоцна до 10-ти во месецот, а уплатата на придонесите да се изврши најдоцна до 15-ти во месецот за претходниот месец, независно од тоа дали хонорарот е исплатен или не е исплатен, велат од УЈП. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива