Охрид, 21. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во август годинава повеќе од 762.000 ноќевања оствариле домашни и странски туристи во трите македонски езерски центри: Охрид, Преспа и Дојран. Само по тој основ нашите хотелиери и сместувачи инкасирале најмалку 25 милиони евра, покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика.
Повеќе од 70 отсто од сите гости престојувале по хотелите, сместувалиштата и приватните капацитети на охридско-струшката ривиера.
Вкупно годинава во август бројот на регистрирани домашни туристи во Охрид, Струга, Дојран и во помала мерка во Преспа изнесувал 150.861 лице, или дневно 4.866 гости вкупно во сите езерски летувалишта.
Од тоа речиси 100.000 гости се домашни туристи, а нешто повеќе од 51.000 лица се странци кои летувале или само ноќевале во нашите езерски центри.
Вкупниот број на остварени ноќевања изнесува над 762.000, а од нив 641.000 оствариле домашни односно македонски туристи. Странските ноќевања во август достигнале 121.000. Тоа значи дека во просек дневно нашите езерски туристички центри остварувале околу 24.600 ноќевања на домашни гости и уште 3.900 странци просечно секој ден ноќевале во нашите сместувачки капацитети во Дојран, Струга, Охрид и во Преспа. (Крај)
извор: ДЗС фото: ОхридПрес