април 6, 2017

Охрид, 6. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Црвен крст Охрид во рамките на програмата Проект за хумани вредности, со цел да помогне на самохрана мајка од Охрид со две мали деца, ќе организира Хуманитарен концерт.

Концертот ќе се одржи на 10 април, понеделник, од 20 часот во НУ Центар за Култура „Григор Прличев“ Охрид. На концертот ќе пеат повеќе охридски талентирани младинци, а дополнително за забавата ќе се погрижат Студиото за танц „Соната“ и комичарот Никола Тодороски.

Влезницата изнесува 50 денари, а може да се купи кај волонтерите од Црвен крст или на врата во центарот за култура.

Програмата Црвен крст во Акција – Промоција на Хумани Вредности (ЦКА-ПХВ) претставува национална алатка за привлекување и задржување на волонтери во Црвениот крст на Р.Македонија. Истата се имплементира во сите Општински организации на Црвен крст и на годишно ниво обучува околу 1200 младинци, потенцијални волонтери во организацијата и 40 дисеминатори кои работаат со младинците.

– Младите добиваат обука за вредностите на Црвениот крст, учат за културата како систем од вредности, за културата на дијалог како основен предуслов за градење на интеркултурно опшество. Младите во текот на овие обуки добиваат и практични знаења како да изработуваат мали проекти за добробит на заедницата во којашто живеат, а при тоа се охрабрени да ги користат сопствените капацитети за изработка на проектите преку кои помагаат на ранливото население. На годишно ниво се изработуваат од 150 до 200 мали проекти преку кои им се помага на околу 3.000 лица во нашата земја, на некои краткорочно додека пак за некои помошта е долгорочна, велат од Црвен крст Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука