Струга, 5. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Постапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија минатиот месец во Основното јавно обвинителство во Струга поднесе кривична пријава за царинска измама.
Кривичната пријава е поднесена против правно лице од Кичево и одговорното лице Г. И. од Кичево поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело „царинска измама“.
Пријавените дале лажни податоци за стоките при увозно царинење, кои влијаат на пресметката за наплата на царина и други увозни давачки, со намера правното лице да избегне делумно плаќање на истите во вкупна вредност од 1.568.910,00 денари. На 28-ми април минатата година, за увозно царинење била пријавена текстилна стока со вкупна вредност од 7873,30 евра. Заради вршење на детална контрола извршена е контрола во кабината на возилото, при што под душекот за спиење во списание, помеѓу листовите, пронајдени се копии од фактура идентична како приложената кон декларацијата, но на многу повисока вредност.
– Поради постоење на основано сомнение во поглед на веродостојноста на фактурата се обративме до царинската администрација на Република Турција. Врз основа на добиениот одговор се утврди дека вистинската вредност на фактурата изнесувала 140.302,00 евра, по што Царинската управа ја утврди реалната царинска вредност и изврши дополнителна пресметка за наплата на царински долг и се утврдија избегнати увозни давачки во износ 1.568.910,00 денари, информираат од Царинската управа. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива