август 29, 2019

Прилеп/Вевчани, 29. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Под мотото „Со песна и оро до височините“, вечерва од 20:00 часот на платото пред Центарот за култура „Марко Цепенков“ (арт плоштад) во Прилеп, целовечерен концерт ќе одржи КУД „Дримкол“ од Вевчани.

Концертот е во рамките на Прилепското културно лето и е дел од програмата на ЦК „Марко Цепенков“, поддржана од Министерството за култура.

Културно уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани со своето долгогодишно постоење има оставено белег во македонската историја на традиционални уметнички вредности. Формирано е под името „Печалбар“, а подоцна се преименува во „Дримкол“ и од тогаш до денес континуирано и активно работи за негување и презентирање на сценско уметничките вредности со посебен акцент кон фолклорната дејност. Како национално богатство друштвото ја афирмира нашата држава онака како што доликува: квалитетно и достоинствено, а како доказ се освоените дипломи, награди и признанија на домашни и меѓународни фестивали. Богатата изворна вевчанска носија, изворните инструменти, изворните кореографии го прават ова друштво едно и единствено, различно од сите други во Република Македонија. Но и покрај изворниот фолклор на репертоарот на ова друштво се наоѓаат и кореогравски обработки од сите играорни подрачја на нашата држава. Друштвото денес брои 175 активни членови од 7 до 55 години распоредени во составите кои работат во рамките на друштвото:фолклорните ансамбли, пејчката група, изворниот оркестар. КУД „Дримкол“ веќе неколку години е класифицирано како друштво од Прва категорија во рамките на Министерството за култура на Република Македонија, класификација која од една страна претставува признание за долгогодишната успешна работа, а од друга страна и мотив за поголем придонес во развојот на Македонската култура и традиција. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука