Скопје/Охрид, 6. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на цените на угостителските услуги во јули 2024 година, во однос на истиот месец од претходната година, е зголемен за 4,8 %.
Кумулативниот индекс на цените на угостителските услуги за периодот јануари-јули 2024 година, во однос на истиот период од минатата година, е зголемен за 5.6 %, додека во однос на декември 2023 година е зголемен за 2.4 %.
Според истиот извор, индексот на цените на угостителските услуги во јули 2024 година, во споредба со јуни 2024 година, остана на исто ниво.
Една од дилемите која го следи Охрид како најголем туристички центар во државата е дали е скап град за одмор?
Со години наназад пред секоја сезона на Охрид му се прави антиреклама во однос на цените во угостителските објекти, сместувачките капацитети, но и генерално за скоро се’ што се купува. Според многумина, информацијата за високите цени е точна и опреавдана, а според некои сепак е далеку од вистината и градот има што да понуди за сечиј џеб. Секој си има различно искуство. На некои домашни туристи одморот им поминува по познатите ресторани и кафе барови, а во текот на денот уживаат на некоја од популарните плажи, каде најчесто треба да се изнајми и лежалка.
Кога неодамна ја отворивме оваа дилема пред читателите на OhridPress, тие излегоа со поделени ставови. Генерално според тоа дали се тие кои даваат или примаат услуги или купуваат во Охрид. Од оние кои не ја згрешиле темата, ги издвојуваме ставовите дека не е градот скап, туку ние сме урнисани како општество со исклучително ниски плати, дел посочуваат дека Охрид не е летувалиште, туку град кој треба да има сосема поинаков однос кон туризмот, со оглед на убавините и културно-историските знаменитости кои ги има. Граѓаните со став дека градот е најубав во мај и септември и дека во лето би го избегнале, пред се’ поради гужвите и цените, дел посочуваат на одредени угостителски и сместувачки објекти кои нудат врвен квалитет по навистина пристапни цени. Интересно е што во дискусијата се вклучени и охриѓани, од кои дел се занимаваат со туризам. Тие се со став дека цените се прилагодени на понудата и побарувачката и потсетуваат дека за нив истите цени се во текот на целата година.
Би го издвоиле коментарот на битолчанецот Никола:
Охрид си е таков каков што си е… Не треба да се прави паралела со градови во Хрватска или Грција или било кое друго место воопшто… Само искомплексирани народи се’ уште се возбудуваат на темата шетање по плажи, печење на лежалки… Во Охрид и охридско за среќа се“ уште има што да се види вдолж и попреку освен плажите… За мене буквално е „аџилак“ прошетката од пристаниште до Плаошник… (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес