Охрид, 9. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Претседателот на СДСМ Зоран Заев вечерва се обрати на граѓанската трибина и промоцијата на кандидатот за градоначалник и кандидатите за советници на Општина Охрид.
– Комитетот за светско наследство на УНЕСКО ги препозна и уважи напорите на Владата и на локалната сапоуправа во Охрид, предводена сегашниот и иден градоначалник Константин Георгиески и со консензус донесе одлука природното и културното наследство на Охридскиот Регион да не биде впишано на листата на светско наследство Во опасност, истакна претседателот на СДСМ Зоран Заев, вечерва во Охрид.
Тој нагласи дека работата не е завршена, мора да продолжат да се спроведуваат препораките на УНЕСКО и одлуките на Комитетот за светско наследство, а тоа ќе се постигне со максимална ангажираност и посветеност и заедно, бидејќи режимските криминалци пак би го урнисале постигнатото.
– За Охрид, да се издигне каде што му е местото, во ризниците на УНЕСКО – како заштитено природно културно наследство, без закани и опасности, но и за да го издигнеме Охрид каде што му е местото – меѓу врвните европски градови од светски интерес, со унапреден туризам потребно ни е да го задржиме континуитетот на напредокот на Охрид, затоа што Охрид е нашето Најдобро и затоа што Охрид го заслужува Најдоброто, порача Заев, кој побара поддршка за уште еден градоначалнички мандат за успешниот градоначалник Константин Георгиески, кој, според Заев, покажал дека работи одговорно, чесно и домаќински и кога беше најпотребно на дело покажал грижа за природните, културните и духовните вредности на градот.
Кандидатот за прв човек на Охрид д-р Константин Георгиски пред сограѓаните напомена дека со силна желба и голема упорност покажале и докажале што значи љубовта кон Охрид.
– Ја раздолживме општината и преку ефикасен менаџмент реализиравме проекти кои беа ветувани со децении, Охрид доживеа вистински развој, инвестиравме во инфраструктурата, во образованието, во проекти за младите и секаде каде што е потребно, направивме квалитетна разлика и создадовме нови можности и за охриѓани и за туристите, вложени се средства како никогаш до сега, а нашата работа е видлива на дело, порача вечерва пред своите сограѓани, кандидатот на СДСМ и Коалицијата за градоначалник на Охрид Константин Георгиески.
Тој нагласи дека во изминатиот период се преземени одлучни чекори за зачувување на статусот на УНЕСКО за Охрид.
– Бевме соочени со големи притисоци, но не дозволивме никој да ја сопре нашата решителност. Постапивме и ги спроведовме сите препораки за заштита на крајбрежјето на Охридското Езеро. Нашите заложби беа поздравени од сите меѓународни институции, релевантни експерти и на крајот јасно валоризирани од УНЕСКО, дадовме вистински пример за владеење на законите и покажавме дека правната држава е над сите лични и бизнис интереси на поединци, нагласи градоначалникот на Охрид Константин Георгиески.
Георгиески истакна дека на опозицијата и пропаднаа сите обиди за дисквалификација и креирање на лажни слики за хаос, затоа што граѓаните и туристите изминатото лето уживаа во слободните плажи, без диви градби и бетон.
– Додека јас решавав проблеми и реализирав проекти, оние другите, седеа зад тастатурите, пишуваа лаги и критикуваа. Но еве дојде време да се пресметаме, дојде време да ги соочиме фактите и да ја видиме вистината, дојде време на дела наместо на празни зборови, порача Георгиевски.
Пред охриѓани се обрати и носителот на листата за советници во општина Охрид, Науме Јованоски, кој порача дека е огромна честа, но и одговорноста што стои овде пред граѓаните.
– Вие сте единствениот мотиватор за моето повторно активирање во политиката и прифаќањето на претседателската функција на Општинската организација на СДСМ. Се нафатив затоа што сум сигурен дека ние како партија и нашиот градоначалник Константин Георгиески можеме да го направиме најдоброто за Охрид, најдоброто за Вас. Со мојот личен кредибилитет гарантирам дека ќе го реализираме ветеното. Ние не сме кочничари, туку сме визионери. Многу проекти кои беа со години ветувани се реализираа во изминатите четири години, а уште повеќе се започнати и чекаат на нивна дореализација. Јас, Номче Јованоски – Чакар сум човек од збор, човек кој безусловно го сака овој град и кој многу вложил во него. Како носител на советничката листа на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за нашата општина“ се залагам за мнозинство на Советот, рече Јованоски.
Тој повика заедно да создадат Совет кој ќе може да ги носи најдобрите одлуки за Охрид, совет растеретен од притисоци и пазарења.
– 12 советници, за победа на 12-ти октомври. За нашите деца да останат овде и да ја градат својата иднина, за современа инфраструктура, уредени сообраќајници, чист град, туризам 365 дена, стоп на бесправната урбанизација, Охрид град на УНЕСКО, спортски град, град на светлината. Ние живееме на свето место, овај град не заслужува ништо помалку туку го заслужува најдоброто. А, Вие знаете што е тоа, тоа е СДСМ и коалицијата и Константин Георгиески за градоначалник, порача Јованоски. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива