октомври 16, 2019

Охрид, 16. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – По повод Светскиот Денот на борбата против гладта, 16-ти октомври и Недела на борба против гладта (16-22 октомври), под мотото „Помислете и на нас“, охридскиот Црвен крст од денес ја започнува кампањата за помош на нашите најсиромашни сограѓани.

– Активностите се насочени кон прибирање на финансиски средства преку продажба на вредносни бонови и прибирање на доброволни прилози наменети за набавка на прехрамбени производи за подготовка на хуманитарни пакети за социјално најзагрозените семејства од Охрид и Дебрца. Исто така, Во текот на Неделата на борба против гладта од 16-22 октомври, во повеќе маркети во Охрид ќе бидат поставени видно обележени корпи во кои хуманите сограѓани ќе можат да ставаат-донираат прехрамбени производи наменети за помош на социјално загрозените семејства. Гладта е најекстремна форма на сиромаштија каде поединецот или семејството не се во состојба да ги задоволат основните потреби за храна. Иако храната е основното човеково право, сепак стотици милиони луѓе ширум светот секојдневно гладуваат, а секои 3,6 секунди некој умира од глад. Гладни и сиромашни има и во нашата земја и во нашиот град. Сето ова е причина повеќе, барем повремено да помислиме и да направиме нешто за оние на кои им треба подадена рака за будење на надеж дека не се сами, дека некој мисли на нив. Барем за миг да ја вратиме насмевката на нивните тажни лица, информираат од Црвен крст Охрид.

Упатуваат апел до нашите сограѓани, фирми, институции, да се вклучат во хуманитарната собирна акција, во Неделата на борба против гладта и дадат свој придонес, според можностите, во олеснувањето на секојдневието на социјално најзагрозените семејства од Охрид и Дебрца. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука