Охрид, 5. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на активностите во делот на првата помош, Општинската организација на Црвен крст Охрид утре ќе го организира 46-от по ред, Општински натпревар по прва помош.
Настанот ќе се случува во периодот од 9 до 16 часот, под мотото „Биди херој, укажи прва помош”.
На натпреварот, стекнатите знаења и техники за укажување на прва помош ќе ги покажат голем број ученици – натпреварувачи од сите основни и средни училишта од Охрид и Дебрца, организирани во екипи во категорија подмладок и категорија младина.
– И оваа година на општинскиот натпревар ќе се применуваат критериуми и стандарди кои се спроведуваат при одржување на европските натпревари по прва помош. Во таа насока натпреварувачите, но и посетителите на оваа манифестација на повеќе пунктови низ градот Охрид, почнувајќи од плоштадот Св.Климент Охридски, продолжувајќи по градскиот кеј, до СРЦ „Билјанини Извори”, ќе бидат сведоци на симулирани-реални случки на несреќи, изведени од членовите на актерските групи од Црвен крст Охрид, како и реалистички приказ на повреди. За регуларноста и оценувањето на натпреварувачите ќе се грижат 15 судии за прва помош на Црвен крст Охрид, објаснуваат од организацијата.
Охриѓани ќе имаат можност да видат и доколку сакаат, да научат како правилно се укажува прва помош. Дополнително ќе можат да ја покажат својата хуманост со купување на влезници за детскиот музички фестивал „Фолклорна бајка” кој е со хуманитарен карактер. Исто така во продажба ќе биде и книгата „Мојот живот после изгубен живот”-Дневникот на Матилоска. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива