Охрид, 17. јануари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на одбележување на големиот верски празник Богојавление-Водици и Денот на рибарите, Црвен крст Охрид е вклучен со низа активности од областа на здравствено-превентивната и социјално-хуманитарната дејност.
Во сабота, на 18-ти јануари, од 19-23 часот, на пунктот поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“, медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“.
– Апелираме и препорачуваме до „скокачите по крстот“ да ја проверат својата здравствена состојба и се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од околу 6 степени Целзиусови, велат од Црвен крст Охрид.
Додаваат дека традиционалната крводарителска акција „Водици 2020“, под мотото „Една капка може да промени се“, ќе се реализира во недела на 19-ти јануари, во терминот од 09:00 до 15:00 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“, каде сите граѓани и гостите ќе можат да ја покажат својата хуманост, за што организаторот, со поддршка на Дебарско-Кичевската епархија ќе им возврати со должно внимание и скромни подароци.
За самиот настан на осветувањето на водата во Охридското Езеро и скокањето по крстот на Градското пристаниште, Црвен крст Охрид ќе се грижи за безбедноста на капачите во вода и сите посетители на настанот со 4 тимови на спасители на вода распоредени долж градското пристаниште, 2 тима на спасители на вода во два спасителни чамци и 4 нуркачки тимови, како и со 7 медицински тимови за укажување прва помош со едно амбулантско возило, помогнати со медицински тим на Итната медицинска помош со амбулантско возило.
Во понеделник, на 20-ти јануари, за Денот на рибарите, тимовите за логистика на Црвен крст Охрид ќе распределат дел од рибината чорба во семејствата со социјален ризик во Охрид како и на лица со хендикеп и стари лица кои не се во можност да присуствуваат на овој настан.
Црвен крст Охрид до сите оние кои ќе бидат дел од настанот за одбележување на празникот Богојавление-Водици на Градското пристаниште во Охрид упатува апел за почитување на препораките. Со оглед на ниската температура на водата во Охридското Езеро (кај пристаништето е околу 6,5 степени Целзиусови), релативно ниските температури на воздухот кои се најавуваат за 19.01.2020 година (околу 5 степени Целзиусови), северен ветар со брзина од околу 2 м/секунда, повикуваме на исклучително високо внимание и претпазливост на оние кои ќе влегуваат во водите на Охридското Езеро:
– да не влегуваат во вода доколку чувствуваат слабост или имаат било каков здравствен проблем
– оние што ќе влегуваат во вода, во неа да се задржуваат кратко (не подолго од 3 минути). Во вода телото се лади десетина пати побргу отколку во воздух, особено при зголемени телесни активности.
– да не конзумираат алкохол пред влегување во вода, а да конзумираат топли безалкохолни напитоци-чај. Алкохолот рапидно го забрзува намалувањето на температурата во организмот.
– да носат обувки при влегувањето во вода
– да имаат сува и топла облека по излегувањето од вода. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива