Охрид, 11. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Според најновите мерења, температурата на водата во Охридското Езеро изнесува 5,8 степени Целзиусови, со што годинава капачите кои ќе се фрлаат по Чесниот Крст, треба да бидат подготвени за соочување со доста студено време.
Исклучително ниски температури годинава ќе има и на воздухот за време на претстојниот празник Богојавление – Водици. Општинската организација на Црвениот крст, како и секоја година, е подготвена да одговори на сите барања според организаторот на настанот во Охрид.
– Ќе бидеме присутни со тимови за спасување, нуркачки тимови и медицински лица на самиот ден на настанот. Просторот ќе биде видно одбележан за сите оние кои ќе влегуваат во водите на Охридското Езеро. Апелираме капачите да внимаваат на дното. Исто така ќе биде исчистен просторот на самото пристаниште неколку дена пред тоа, вели претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.
Од Црвен крст особено апелираат капачите да не консумираат алкохол пред влегувањето во водите на езерото и да внимаваат на движењето по дното. Влегувањето во езерото, се препорачува да биде кратко и по чинот на фаќањето на крстот, капачите веднаш да се пресоблечат во сува облека. Се апелира и до сите граѓани, верници кои ќе присуствуваат на самиот настан, да ги следат насоките од волонтерите на Црвен крст и од медицинските тимови, за да не се случи инцидент.
Како и секоја година, така и овој пат ќе биде организирана традиционалната крводарителска акција.
– Крводарителската акција ќе биде реализирана истиот ден, на 19-ти јануари, во просториите на Студентскиот дом „Никола Карев“. Ги покануваме сите оние кои сакаат да бидат хумани на овој ден. Од 8 до 14 часот ќе можат да даруваат крв , дополнува Точков. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива