Охрид, 13. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Утре, 14-ти февруари, по вечерната богослужба во чест на празникот Св. Трифун, свечено ќе биде ставено во употреба новото осветлување во црквата Св. Богородица Перивлепта.
Иницијатор на акцијата е Лајонс клубот „Лихнидос“, а донатор на осветлувањето е фирмата ДАСС Инженеринг од Охрид.
Минатата година заврши процесот на возобновување на фрескоживописот на оваа црква. Проектот овозможи целосна рехабилитација на манастирскиот комплекс, кој е еден раритетен пример на нашата сакрална архитектура. Целиот процес траеше седум години, период во кој се заштити првото автентично дело на зографите Михајло и Ефтихие, уметничка творба која е предмет на меѓународни проучувања и докторски дисертации на еминентни универзитети во светот. Конзерваторските зафати беа изведени со највисоки конзерваторски стандарди и со примена на најсовремени техники и материјали. Заменeти се дотраените градежни елементи и е обновена фасадата. Направена беше адаптација на конаците и на камбанаријата, која е изградена во 1923 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива