Охрид, 26. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Центарот за јавно здравје Охрид, во периодот од 10-ти до 24-ти јули 2024 година, изврши узоркување и физичко-хемиска и микробиолошка анализа на преку 30 примероци на површинска вода, земени во крејбрежниот дел од Охридското Езеро – капалиштата, на потегот од плажа „Св. Наум“ до селото Радожда кај Струга.
Истите се во рамки на нивната дејност и надлежности за вршење на контрола на саанитарно-хигиенскиот квалитет на површинската вода во Охридското Езеро, од македонска страна, како и водата во реките кои се вливаат во езерото, од македонска страна.
– Резултатите од анализираните примероци на водата во крајбрежниот појас на Охридското Езеро, од македонска страна, делот кој најчесто се користи за капење, спорт и рекреација, во наведениот период се категоризира, хемиски на прва, а микробиолошки на одлично, што според соодветната законска регулатива, оваа површинска вода може да се користи за капење, спорт и рекреација. Квалитетот на површинската вода од трите реки кои се вливаат во Охридското Езеро од македонска страна, река Велгошка, река Коселска и река Сатеска, во месец јули останува непроменет како и во претходниот период-месец мај-јуни, односно реките се категоризираат на, хемиски на втора/трета класа, а микробиолошки на незадоволително, односно на петта класа. Согласно постоечката законска регулатива, овие реки претставуваат загадувачи на Охридското езеро и претставуваат потенцијална опасност за езерскиот еко систем и посетителите кои ги користат езерските води за капење, спорт и рекреација, во појасот непосредно при вливот на овие реки во Охридското Езеро. Високата моќ на самопрочистување на езерото придонесува, капалиштата, во најголемиот дел да ги задоволуваат законските прописи и норми за површинска вода која може да се користи за капење, спорт и рекреација, потенцираат од ЦЈЗ Охрид.
Апелираат до сите посетители на капалиштата и капачи да се придржуваат кон основните хигиенски норми и правила на однесување насочено кон зачувување на квалитетот на животната средина.
Додаваат дека како Центар за јавно здравје, континуирано, во текот на летната туристичка сезона ја следат состојбата со квалитетот на површинската вода во Охридското Езеро и навремено и транспарентно ја информираат јавноста за резултатите од извршените анализи. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес