Охрид, 6. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Поднесениот предлог закон за трансформација на УИНТ „Св. Апостол Павле“ целосно ги руши сите наши желби, права и идеали со кои сме се запишале на овој универзитет, па како таков е екстремно штетен доколку биде имплементиран, велат студентите од охридскиот универзитет.
Овој предлог закон налага тотална трансформација од Универзитет за компјутерски науки и инженерство во Факултет за применета информатика и дигитална хуманистика, кој е сроден со науките кои се изучуваат на Факултетот за туризам, истакна Бисера Чаулева.
– Според член 27 став 5 ние како студенти го поседуваме правото да се образуваме, напредуваме и да дипломираме под условите кои важеле во време на упис што овој предлог закон го прекршува по секој основ. Воедно не е предвиден ниту еден факултет од областа на компјутерското инженерство со што комплетно се врши промена на нашата струка од инженери во недефиниран кадар. Дополнително јавување на трошоци кои индивидуално ги сноси секој студент притоа запоставувајќи ги студиите во преодниот период на формирање на студентската администрација. Несомнено, нема никаква поткрепа со докази, анкети или мислења за тоа дали се воопшто неопходни студии по дигитална хуманистика и културно наследство, споредено со компјутерските науки и инженерство кои сме свесни дека спаѓаат во едни од најатрактивните и најнеопходните професии на нашиот пазар, рече Чаулева.
Студентите имаат поднесено и петиција со нивни потписи до Собранието, Владата и ресорното министерство, но досега немаат добиено никаков одговор. Апелираат до надлежните органи да им излезат во пресрет и да не кројат кобна судбина на 400 студенти со прифаќањето на овој предлог закон.
Пратеникот Рубин Земон кој е еден од предлагачите за Супер радио и OhridPress изјави дека студентите се во заблуда, не станува збор за укинување на студии туку се прави реорганизација на Универзитетот, која нема да донесе последици за студентите.
– Студентите си продолжуваат на оние насоки на кои се запишани. Се прави внатрешна реорганизација на Универзитетот и тоа е право на Собранието, бидејќи Собранието е основач на Универзитетот. Нема да има никакви последици за студентите. На 11-ти декември предлог законот ќе е во собрание, ќе има јавна расправа, амандмани, па второ читање, рече Земон во изјава за Супер радио и OhridPress.
Студентите се децидни дека доколку не биде прифатено нивното барање за отфрлање на предлог-законот ќе бидат приморани да излезат на масовни протести, каде ќе ги вклучат и медиумите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес