Охрид, 11. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денеска се одбележува Денот на востанието на македонскиот народ – 11-ти октомври, навршуваат 76 години од почетокот на антифашистичкото востание и народноослободителната војна.
На денешен ден во 1941 година, борците од Првиот прилепски партизански одред го нападнаа бугарскиот полициски участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, што го означи почетокот на организираното востание на македонскиот народ против бугарскиот, италијанскиот и германскиот окупатор за ослободување на земјата. Следниот ден, на 12-ти октомври, слична акција изведоа и партизаните од Кумановскиот одред.
Празникот 11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.
Во Втората светска војна Македонија беше на победничката страна, која беше платена со крв.
Да се запамети и да не се заборави, за никогаш да не се повтори загинувањето на многу борци кои го дадоа животот за слободата на татковината. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива