Охрид, 21. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Веќе четврти ден во извештајот на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР) за хидролошката состојба на езерата и реките стои дека нема достапна информација за водостојот на Охридското Езеро.
Последните мерења од петокот покажуваат дека е на кота од 693,18 м.н.в. односно 23 сантиметри под просекот за овој месец и само 8 сантиметри над минимално дозволеното ниво.
OhridPress редовно ја следи оваа исклучително важна тема, во насока на создавање постојан медиумски притисок кон одговорните. Според нашите анализи од почетокот на февруари нивото на водата во Охридското Езеро бележи константен пад.
Граѓаните кои до нашата редакција и натаму испраќаат фотографии од различни локации долж охридското крајбрежје коментираат дека ако вака продолжи нашето однесување кон езерото како кон вештачка акумулација, за брзо време, сегашниот прв ред кафе барови и ресторани, може да биде втор. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР