февруари 14, 2015

Скопје, 14. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Со предавање на професорот Никос Чаусидис за „Семиотичка анализа на проектот Скопје 2014“, студентите од Филозофски/Филолошки факултет го започнаа четвртиот ден од окупацијата на факултетската зграда.

Студентите учествуваа на интерактивна работилница за графичко печатење на слоганите на студентите, а од 19 часот ќе се отвори изложба и проекција на експериментални видеа.

Воедно, ќе продолжи вчерашната дискусија на тема „Кои се проблемите во високото образование?“, а во рамки на автономната зона ќе се одржи и предавање од Voxacademica. Вечерта на Филозофски/Филолошки факултет ќе заврши со ново издание на „Астални проекции“, со почеток од 20 часот, при што љубители на пишаниот збор ќе имаат можност да се претстават со своите дела.
Паралелно со активностите во автономната зона на Филозофски/Филолошки факултет, ќе се одржуваат предавања и во проширената зона во зградата на Машински факултет и ФЕИТ.

Во знак на поддршка на окупацијата на универзитетите, целодневно „Сподели знаење“ ќе организираат предавања од членовите на хаклабот КИКА.

Студентите веќе четврти ден окупираат на Филозофски/Филолошки факултет, а трети на Машински и ФЕИТ. Тие се одлучни во тоа дека нема да си заминат додека не бидат исполнети нивните барања. (Крај)

извор: ОхридПрес/Радио МОФ фото: Радио МОФ

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука