Кога од страна на OhridPress ми беше понудено да учествувам во проектот „046 – За Охрид се зборува“, за моето деби, како колумнист, подготвував една анализа на необјавената песна на Прличев „Охридскиот џган“, Мисирковата книга „За македонцките работи“ и „Владетел“ на Макијавели.
Додека ја барав поврзаноста, на она што го имаат пишувано тројцата автори, за политичките случувања во периодот во кој живееле, а тоа е за првите двајца пред век и пол, а за Макијавели пред 5 века, со денешницата, повторно вниманието ми го сврте, кој ако не охридската власт и опозиција со денешните пресови.
Не дека е нешто ново, нешто што го немаме видено или слушнато, туку упорноста која ја имаат и едните и другите во меѓусебните обвинувања. Медиумите пак, ревносно ги пренесуваат пресовите, кој со скратен извештај, кој со целосен, кој со коментар, кој без коментар, во зависност кон која опција е поблизок, а по правило, кон власта.
Охридската власт и опозиција, не можат да излезат од клишето кое го има, власта и опозицијата на државно ниво, и дури,, машала, ги имаат надминато. Денес темата на препукувањето, беше образованието, но не е битно можеше да биде и културата и спортот и финансиите, а повторно резултатот ќе беше ист.
Според власта, охридската опозиција (ова важи и на државно ниво), нема право да критикува, зошто тие се виновни за лошата состојба во општината и државата и упорно, година и пол првите, 8 години другите, преку медиумите го креира јавното мислење во насока дека ете тие се виновни и немаат право да зборуваат.
Никако да сватат дека во критиката, па и неоснованата, може да се пронајде, она што сами не можеме да го видиме, или свесно некој го крие. Неможеме да сватиме дека критиката и самокритиката, водат напред, а самофалбите и лигавењето, краткотрајно ти ја полнат душата, но на долг рок се горчливи.
Исто се случува и со опозицијата. Никако да признае, дека додека била на власт, грешела. Дали тие грешки се свесни или и покрај најдобрите намери, резултатите од водењето на некоја политика биле катастрофални, тоа се грешки и треба да се признаат. Не смее, заради заштита на одредени личности или поранешни функционери, кои креирале погрешни политики, вината да ја носат на свој грб.
Но, не. Нити едните кои ја практицирале власта, нити другите кои сега ја практицираа, немаат доблест да прифатат критика да признаат грешка. За среќа и за жал, бев дел и од раководството на партија и дел од власта.
За среќа, затоа што одблиску го спознав начинот на функционирање на партијата и власта, а за жал затоа што како единка или помала група на истомисленици, тешко можеш да влијаеш на одлуките, а си дел од одлуките, од спроведените политики.
Крајно, нити пофалбите, нити критиките, може да ја подобрат или влошат економската или политичката состојба.
Потребни се програми, проекти, работа. Доследно спроведување на Законот за локална самоуправа и другите позитивни прописи кои се однесуваат на функционирањето на локалната самоуправа, доследна поделба на надлежностите помеѓу Советот на општината и градоначалникот и крајно,конечно да се заврши процесот на децентрализацијата, кој процес последните 6 години е целосно замрен.
Кога ќе има резултати тогаш и критиките ќе бидат позитивни.
Пред вистината и боговите молчат. Но онаа вистинската вистина, а не медиумската. Вистината може да ја осети секој човек, а медиумската вистина само да ја слуша. Но дотогаш, ни останува или да ги слушаме секојдневно пресовите по медиумите или дефинитивно да ги одјавиме телевизиите, електронските медиуми и сите средства за информирање, но повторно ќе мораме да плаќаме РДТ (радиодифузна такса), а и не ќе можеме да ги гледаме турските серии.
Барем во овој избор сме слободни, ќе пратиме пресови или не.
адв. Владо Чингоски
** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.
Во вториот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од октомври до декември 2014. година, ќе пишуваат и дебатираат Владо Чингоски, Ванчо Костоски и Никола Митровиќ – Бабе.