Покрај обилството на настани, во нашиот град, држава, регионот и светот, ми сврти внимание една вест на еден наш локален портал, кој ме врати назад во минатото најмалку 3 години (точно неможам да се сетам која година беше но и тоа не е важно, зошто тогашните актери ќе се сетат, а и доволно е да се погледа во архивите на медиумите или општината и ќе може да се лоцира, точно времето).
Нема, во ова прилика да пишувам, за одбележувањето на 11-ти Октомври, за тоа кој партиски функционер, каде бил и дали бил, не пишувам за уставните измени, извештајот на европската комисија за напредокот на нашата држава, сузпензијата на енергртската либерализацијата, враќањето на опозицијата во Собранието, дали ќе има нови избори или не (изгледа ќе да ги има), за реформското лидерство, за најбрзо растечката економија (секако изразена во %, кои не ги разбирам, а и да ги разбирам, бидеќи немаме направено попис, незнам која е основата за вакви проекции и резултати), нема да пишувам нити за штрајкот на адвокатите и демонстрациите во Србија или посетата на Путин во Белград, најмалку за инцидентот на фудбалскиот натпревар Србија – Албанија, нити за изборите во Бугарија (каде голем број македонски граѓани имаа активно учество), не пишувам нити за ЕБОЛАТА и други поопасни трески, нити за ИД („Исламската држава“) и зошто се толерираат вакви војни од страна на светските сили, нити за Украина, нити за Кина, која го презеде лидерскот место за најразвиена економија во светот.
Ќе пишувам, за веста во охридските портали за промена на дрворедите низ Охрид, поточно за дрвата.
Кога пред, тој период, кој точно неможам да го лоцирам (заб. ноември 2011 година), тогашната локална власт, донесе одлука за обновување на дрворедот на улицата „Димитар Влахов“, што значеше корнење на старите дрвја и засадување на нови, се отвори дебата за исправноста на таа одлука на сите нивоа во Охрид.
На таа тема дебатираа, политички партии, еколошки, граѓански здруженија, здружнија за заштита на животни, занаетчии, угостители, институции, факултети, основни и средни училишта, се зборуваше на родендени, свадби, погреби, во кафани и на секое место каде ќе се сретне двајца чоеци.
Се дискутираше за видот на дрвата кои ќе ги заменат липите и нивната цена, од каде ќе се набават, кој ќе ги набави, колкав е профитот. Противниците на новите дрвја, даваа аргументи зошто да останат старите, колку м3 имаат зеленило и колку ќе се изгуби кислород со нивното отстранување (во нив бев и јас, повеќе емотивно, зошто таа улица ме потсетуваше на моите средношколски денови, и под тие дрвја одев и се враќав од Гимназија. Не ми сметаше нити смолата, нити подигнатиот тротоар од нивните корења, едноставно кога поминував под и покрај нив се чувствував како средношколец).
Но тоа помна, старите липи се заменаа со нови дрвја.
Сега, не само улицата „Димитар Влахов“, туку се менуваат дрвјата и на Туристичка и на други улици. Се си има животен век, па и дрвјата. Секако дека е потребно да се ревитализираат дрворедите. Но, ме зачудува, смиреноста со која се прифаќа сето тоа. Ги нема оние галами, прашања, дилеми, обвинувања, кои пред неколку години ги имаше и тоа повеќе од што треба.
Што се случи?
Дали партиите, здруженијата, институциите, граѓаните увиделе дека тоа е корисно и потребно? Ако е така, тогаш треба да признаат дека, погрешиле пред извесен период и тоа јавно.
За ова прашање, се уште немам прочитано или не се има произнесено опозицијата, дали ја подржува локалната, во оваа активност за ревитализација на дрворедите, односно замена на старите со нови дрва.
Секако дека од владеачката партија, го имаат сменато ставот по однос на ова прашање, со оглед дека нема негативни реакции. Што се однесува до мене и сега сум против сечење на дрвјата. Не затоа што сум некој еколошки активист, туку затоа што не се прави стручна анализа за староста, виталноста на дрвјата, корисноста или штетата од нив . Едноставно со политички одлуки им се пресудува.
Крајно и Стариот чинар симболот на Охрид, е пред умирање. Си го изживеал своето. При секој ветер, преставува опасност да падне некоја гранка и да повреди минувач.
Онаков како што изгледа сега и не е некоја атракција, со скршената гранка, но тешко дека некој ќе се реши да го пресече или замени.
Зошто, замена за него нема. Но треба да се направи се, да му се продолжи неговиот животот. А со волја и малку пари, Стариот чинар, би можел секојдневно да ги поздравува и охриѓани и гостите, уште многу години, зошто верувајте вреди, ако не повеќе, колку еден дрворед.
адв. Владо Чингоски
** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.
Во вториот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од октомври до декември 2014. година, ќе пишуваат и дебатираат Владо Чингоски, Ванчо Костоски и Никола Митровиќ – Бабе.