Многу ја сакам историјата, но ми прави многу забуни во главата. Најпознатото мото за историјата, е дека историјата ја пишуваат победниците. Тоа го разбирам. Но, ако е тоа така, што прават тогаш губитниците. Ја прифаќаат онака како што е напишана или пак си даваат толкувања на така напишаната историја, оправдуваќи го својот пораз.
Еве, да ја земеме нашата историја, историјата на Македонија. Ќе ми простите на моето лаичко размислување, но секако дека имам право да дадам свое мислење.
Во нашава држава, докторите толкуваат закони, правниците се медицинари, инжинерите се дипломати, земјоделците се политичари, секој е нешто друго, само не за она за што се образувал, оспособувал, па така и јас ете аматерски, сакам да бидам во оваа колумна, историчар.
Сум ги читал (не проучувал) одредени научните трудови на Д-р Иван Катарџиев, Љубен Лапе, Христо Андонов – Полјански, Александар Христов, Александар Матовски, Јорданка Серафимова – Хаџиште, Фанула Папазоглу, Коста Балабанов и други автори, кои на крајот на краиштата како имиња им значат на историчарите, а многу малку на обичните граѓани. Секогаш нивните систематски изучувања ги ценев само врз основа на презентираните документи, а нивните дела изобилуваат со документи.
Ќе посочам два примери, за тоа како победниците ја пишувале историјата, а како ние ја читаме и толкуваме.
Прво – Охрид (Лихнид) според историчарите, никогаш не бил Македонски град, за каква и да било Македонија, да зборуваме. Бил Илирски град, (заедно со Линкеситите се бореле против македонскиот крал Пердика Втори).
Дури некаде по 335 години п.н.е. Александар Велики, по победата над Клит, Илирија ја присоединил кон Македонија, а со тоа и Лихнид. Било како било, дали Илирски или Македонски и Охрид и цела Македонија, денeс одредени историчари, ја читаат античката историја на Македонија, онака како што тие мислат дека треба да се пречитува и тврдат дека ние, вклучуваќи го и Охрид сме наследници на античките Македонци.
Второ – Да прескокнеме од 3 век п.н.е., во 10 век, повторно за Македонија, каква и да била и Охрид, за Самоиловото царство. За овој период, историчарите, за извор го имаат Јован Скилица и неговото дело „Историјата“, но и од други автори како Јован Зонара, Јован Геометарот, Лав Ѓакон и други. И таму, нашите современи историчари пишуваат за Македонија, а Скилица и другите современици на Самоил, за нешто друго.
Се пишува за Комитопулите, за Бугарски императори, за Мизите (самоилови поданици), за ромејска држава и за скитите (име за сите словени на Балканот). Подоцна пишуваат за Петар Делјан („Хронографија“ од Михаил Псел околу 1078 година), каде Тие, тогашните едно пишуваат, сегашните друго толкуваат.
Денес, во Охрид се славеше, празнуваше, чествуваше, 1.000 годишнината од смрта на Цар Самоил.
Зошто само во Охрид и дали е ова чествување дел од програмата за прославување на значајни датуми и настани? Зошто ако е Македонски цар и толку значаен за Македонија, овој ден не се слави во цела Македонија или најмалку, по овој повод да се одржи некоја академска дебата за улогата на Цар Самоил и неговата држава или ете веќе кога има споменик во Скопје на плоштад, да се организираше некаква манифестација, пред споменикот? (Доколку имало некој настан,а јас не знам, освен во Охрид, тогаш им се извинувам на организаторите).
Има уште едно прашање кое долго време ми се вртка низ глава, а ете неможам да добијам одговор од никого. Внатрешноста на Самоиловата тврдина, воопшто, според мене, лаички, не изгледа како царска палата, па лично се прашувам, а немам одговор, нити имам пронајдено во кој временски период цар Самоил престојувал во Охрид, освен според легендата кога ги пречекувал ослепените војници.
Додека историските извори, секаде ја посочуваат Преспа како престолнина на Самоил. (Според „Историја“ на Јован Скилица, – ДОКУМЕНТИ за борба на македонскиот народ за самостојност и за национална држава – ТОМ ПРВИ стр. 90 Скопје 1981 година – Прогласување на Самоил за монарх во Преспа).
Како и да е, историјата, без оглед кој ја пишувал, кој ја толкува, а особено нашата македонската и нејзиното толкување, стана извор на сите недоразбирања и поделби меѓу самите НАС самите, а потоа и со нашите соседи.
Не сум, квалификуван и не сум, тој што може да поставува дилеми и може да издејствува решенија и одговори. Некои други, се релевантни за изучувањето и толкување на историјата, но најжално е што и тие немаат објективен пристап, при изучувањето и толкувањето, туку пристрасноста и зависноста ги тераат да ја искривуваат историјата.
Ете, и јас, така аматерски, се обидов да ја толкувам историјата која ја напишале победниците, а тоа биле, Атињаните, Спартанците, Илирите, Античките Македонци, Римјаните, Византијците, Османлии, а подоцна и Бугарите, Србите, Грците и ние сегашните Македонци, онака, барем јас мислам објективно, без оглед дали некому му се допаѓа или не.
(За пишаната историја на Османлиите, Србите, Бугарите и нашата Македонска понова историја, но и на светската, а која се однесува на НАС МАКЕДОНЦИТЕ, во друга прилика, онака аматерски).
адв. Владо Чингоски
** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.
Во вториот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од октомври до декември 2014. година, ќе пишуваат и дебатираат Владо Чингоски, Ванчо Костоски и Никола Митровиќ – Бабе.