Оваа недела што измина, за некое чудо, за разлика од претходната, помина многу мирно. Изостанаа партиските пресови и контрапресови и контрапресови на контрата пресови. На човек дури да му стане шубе што се случува. Едноставно, нашите уши, мозок, не се навикнатаи на ваква медиумска тишина. Искрено и на државно ниво, нешто не се активни.
Додуша, повторно ги има, но не со таков интензитет како во изминатиов период, а не да немаше за што да се коментира. Спласнаа пресовите за Извештајот на ЕК, се донесе Буџетот за 2015 година, види освен некоја млака реакција, друго ништо. А за многу помали нешта и причини, се зборувало се напаѓало, но, сега, ете некако смирено е. Што би се рекло, нешто, веројатно се готви.
Ајде локалното СДСМ имаше висок гостин од Скопје, па правеа стратегии за дејствување во наредниот период и немаше време да реагира на активностите на локалната и на ДПМНЕ.
Но од друга страна и локалната и ДПМНЕ како да не ги интересираше што прави СДСМ-ото, па освен една штура информација на еден медиум и немаше некаква реакција. Чудно. Или веќе не ги третираат како сериозна закана, па и присуството на висок функционер од Скопје, не го забележуваат, или пак и тие си имаат свои маки за внатрепартиските избори, па си го гледаат својот проблем.
Како и да е, мирна медиумска недела.
Но, медиумите, објавија и нов проект на Општината, а тоа е изградба на пристаниште или марина на старото разурнато пристаниште, пред хотел „Палас“.
Не е ништо ново. Но ново е што, повторно, од никого нема ни позитивна ни негативна реакција. СДСМ ова го премолча (наверојатно, заради зафатеноста со планирање на понатамошното дејствување и инструктажи), иако за овој простор уште пред повеќе од 6 години е направен проект, за изградба на крстилница на тој простор и тоа со донација од Украина. Направен е и целосен проект, кој сигурно може да се види во општина.
Која беше причината што не се изгради не сум сигурен, но се јави отпор за тој проект, дека донираните столбови на кои имало ангели биле ознака на унијатсво, не на православије и сум на мислење дека најповеќе заради тоа овој проект и донација не се реализира. За други причини, незнам, освен ако министерствата не и дале дозвола на локалната, со оглед дека локалната нема ингеренции за езерото…
Како и да било, кога сум до таа локација, веднаш на ум ми паѓа и хотелот „Палас“. Гордоста на Охрид и Македонија, а сега во жална состојба.
Добро би било, да се размисли,што со него. Државата промовира, слободни туристички зони, на кои им се нудат атрактивни локации по 1 евро м2, па субвенции и не знам што уште не. Зошто, ако веќе им даваме на Субратовци и кој уште не странски инвеститори, не им дадеме и на сопствениците на овој некогаш репрезентативен објект, субвенции да го реновираат и пуштат во употреба. Може да се најдат илјада облици за соработка и од тоа да има корист и сопствениците и државата и општината, а потребна е само волја.
Тука е и поранешниот хотел „ПТТ“, оставен како руина, на атрактивна локација. Продаваме за без пари земјиште, а ги оставаме најатрактивните изградени локации да пропаѓаат.
Сличен е случајот и со слободните индустриски зони. Интересот за изградба на вакви зони, можеби е добра, како за промовирање, така и за ангажирање на градежни оперативи, веројатно за некој си финансиски ефект од продажбата на земјиштето, но што со готовите и се уште во кондиција инфраструктурно решени, стопански објекти, кои зјаат празни (за даночните бенифити и субвенции кои ги имаат во овие зони не зборувам).
Зошто најпрвин не се нудат тие, а ги има и во „Застава“ и во „ЕМО“ и „Слобода“ многу други.
Секако дека не одговараат, можеби за фабрики со голем капацитет или специфична технологија за производство, но за средни претпријатија и дејност од прехрана и кооперантски односи во авто и електро индустријата и тоа како можат во најкус рок да почнат и со производство (впрочем и грото на инвестициите се такви).
Или зошто до денес никој не се обидел да ги имплементира економските инкубатори, нешто што прилично добро функционира, не само во земјите во развој, туку и во развиените држави.
Но, можеби, откако ќе ги средат внатрепартиските односи или изборни процеси или стратегии за дејствување или.., ќе почнат да размислуваат и на овие теми.
(Создадено на 19.10.2014 година кога политичките субјекти не беа почнале со пресови. Испратено истиот ден, но заради погрешен емаил не е објавена истиот ден )
адв. Владо Чингоски
** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.
Во вториот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од октомври до декември 2014. година, ќе пишуваат и дебатираат Владо Чингоски, Ванчо Костоски и Никола Митровиќ – Бабе.