април 24, 2017

Охрид, 24. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Неформалната граѓанска организација „Чист Охридс“ со нивната активност, како што велат, на нивно лично задоволство, иницираа и други граѓански иницијативи да организираат различни акции за чистење.

Младите активисти на ова здружение, сметаат дека и понатаму треба да се мобилизира населението со слични потфати.

– Тоа е крајно позитивно и граѓаните мора да станат многу посвесни во однос на темата за отпадот, чистата животна средина и како тоа влијае на нивното здравје. Само со свесни и активни граѓани може да се подобри ситуацијата, во спротивно би стагнирале. Сметаме дека општо земено, населението треба повеќе да се мобилизира, зависно од своето време, граѓаните самите да се организираат, затоа што секој поединечен напор е чекор кон здравје и чиста животна средина, велат за Супер радио од „Чист Охрид“.

Како што може да се забележи од терен, обично локациите кои младите активисти најчесто ги чистат, повторно се „обвиткани“ во смет. На прашањето, дали на тоа влијае фрекфентноста на локациите, или и понатаму останува проблем свеста кај населението, од здружението додаваат дека влијаат повеќе фактори. Објаснуваат дека
и понатаму останува ниската свест кај граѓаните.

– Ништо помалку значајна не е ни самата достапност на пример на кантите за отпадоци. На речиси сите локации каде што сме чистеле воопшто немало канти. Во таков случај граѓаните мнгоу брзо и лесно се одлучуваат да го фрлат отпадот на самото место, наместо да го носат со себе во потрага по соодветно место за фрлање отпад. Од друга страна, секако има и многу случаи во кои се достапни доволно канти, но и понатаму гледаме ѓубре расфрлано околу нив. Дел поради несвесност, дел поради нередовно собирање на отпадот од самите канти за отпад, реагираат од „Чист Охрид“.

„Чист Охрид“ во изминатиот период одржа три акции на една иста локација, на патот за Рамне од страната на Видобишта. Таму, според нивните кажувања, има уште работа, а при секое навраќање се среќаваат со нов отпад, за што сметаат дека е крајно алармантно.

odpadpatramne

– Од информациите кои ги имаме, ништо подобро не е ниту на патот за Рамне кој поминува покрај канцелариите на НП Галичица. Ги повикуваме граѓаните да престанат со депонирање отпад на овие локации, а надлежните под итно да ги мобилизираат своите капацитети и да го отстранат отпадот од површината на Националниот парк. Овие информации се познати во јавноста веќе подолг период, но не гледаме подобрување. „Чист Охрид“ ќе биде и понатаму активен на овие локации, апелираат младите еко-активисти.

Претставници на „Чист Охрид“ денеска учествуваат и на консултативните средби во рамките на проектот „Заштита на природата во НП Галичица: бајка или реалност“, на којшто ќе зборуваат од аспект на доменот на нивната работа. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука