јануари 31, 2017

Охрид, 31. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во чест на херојскиот чин на Првата пролетерска бригада која го извела за време на Народноослободителната војна, членови на организацијата Брег на младоста од Охрид, изминативе денови учествуваа на антифашистички марш во близина на Сараево, планината Игман.

bregnamladostanaegman1

На овој подвиг учествуваа повеќе од 20 илјади антифашисти од поранешните југословенски републики. Од Брег на младоста присуствуваа тројца акцијаши. Тие се надеват дека овој антифашистички марш од година во година ќе добива во масовност.

bregnamladostanaegman2

– Оваа година по 75-ти пат се чествува тој херојски чин. Покрај антифашистите од поранешните југословенски републики, имаше и делегација од Италија, Австрија и Русија. Го изодевме тој марш долг 20 километри, да им оддадеме чест на хероите од бригадата. Но, не само тоа. Туку, да изразиме револт за моменталната состојба во сите бивши републики. Нè нарекуваат југоносталгичари, но 20 илјади луѓе да се соберат на едно место, значи револт за состојбите во сите републики на поранешна Југославија. Политиките нѝ ги носат неоформени политичари, тајкуни и криминогени структури. Ова е само почеток, се надевам дека следната година ќе има и 30 илјади посетители, вели Зоран Стевоски од АК „Брег на младоста“.

bregnamladostanaegman3

На маршот, како што додава Стевоски, имало голем број на млади луѓе. Во дневниот печат, посебно од Босна и Херцеговина и Словенија беа објавени бројни статии за овој марш, а присуството на медиумите, од „Брег на младоста“ го искористиле за кратка промоција на Охрид.

bregnamladostanaegman4

– Имавме можност да го афирмираме Охрид како туристички, културен и историски центар, дополнува Стевоски.

Исто така, акцијашите од Охрид го посетија и Титовиот „забранет град“ или Титовиот бункер, кој се смета за една од најголемите тајни и најголемите инвестиции од поранешна Југославија.

titovbunker3

Бункерот е изграден во Коњиц, во близината на реката Неретва, а се градел од 1953-та година до 1978-ма година.

– Бункерот се градел во најголема тајна, за да се открие во 1998 година. Се наоѓа на 300 метри под земја. Таму е целокупната опрема, технологија, а опремен е со системи за вентилација, влага, вода, потребен воздух. Опремен е комплетно со храна. Таму требало во услови на атомска војна, да биде сместен врховниот штаб, другарот Тито, со неговите најблиски соработници, со вкупно 350 луѓе, со можност да се издржи околу шест месеци, раскажува Стевоски.

titovbunker1

titovbunker2

За овој објект биле потрошени повеќе од 4 милијарди американски долари, а сега претставува туристичка атракција, која е отворена за посета на илјадници туристи во текот на годината. Стевоски појаснува дека некои работи од технологијата, кои денес ги користиме и осознаваме, уште тогаш биле креирани, вградени во бункерот и биле наменети да се користат во случај на потреба. Моментално во објектот е поместена ликовна колонија, каде уметници од целиот свет работат и создаваат уметнички дела. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/Стевоски

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука