Охрид, 30. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охрид и Струга се меѓу градовите каде ќе се прикаже „Човекот делфин“, новиот документарец за човекот кого го памтиме од „Големото синило“ на Бесон – нуркачот Жак Мајол.
– А сега замисли си дека си делфин и дека живееш слободно според своите потреби. Во секој од нас спие по еден делфин“, вели човекот кој ги помести границите на човечкото тело и ум, но не заради рекордите, ами заради слободата што се раѓа во длабокото, каде што синото повеќе не е сино, каде што небото и чувствата стануваат сеќавања, каде што тишината е потполна, а времето не постои, велат организаторите кои додаваат дека приказната за францускиот делфин премиерно ќе ја раскажат во три наврати – во Скопје на 2-ри ноември со почеток во 20:00 часот во Кино „Култура“, во Охрид следниот ден со почеток во 20:00 часот во Центар за култура „Григор Прличев“ и во Струга на 4-ти ноември во спомен куќата „Браќа Миладиновци“, во соработка со Drimon Festival.
Станува збор за воодушевувачката приказна за легендарниот Жак Мајол, кој во 1976 година прв ќе ја достигне длабочината од 100 метри со слободно нуркање.
Ретки архивски исечоци и неверојатни современи подводни снимки ни го доближуваат животот на човекот-делфин, кој е главната инспирација и за „Големото синило“ на Лик Бесон. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива