Охрид, 10. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев ја оцени како стабилна безбедносната состојба на подрачјето што го покрива СВР Охрид.
По работната посета и средби со надлежните, министерот бил информиран за ситуација со криминалитетот на подрачјето на СВР Охрид и успешно расветлените кривични дела.
– Во 2019 година криминалитетот е зголемен, но и процентот на откриени кривични дела е зголемен од 25 на 35%. Во текот на месец јануари годинава со успешна координација на криминалистичката полиција и униформираниот дел успешно се откриени провални кражби и разбојништва. Им дадов насоки да посветат повеќе внимание во рамки на оперативната акција „Гора“, посебно на подрачјето на ОВР Кичево и Струга. Со оглед дека Охридското Езеро моментално нема концесионер, добив информација за успешната акција со откривање на две кривични дела рибокрадство со околу 100 парчиња охридска пастрмка и 15 мрежи, што е задоволително, рече Чулев.
Како тековни проблеми со кои се соочува СВР Охрид биле истакнати малиот канцелариски простор и отсуство на кадар во униформираниот дел на полицијата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес