Струга, 27. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Денеска успешно започна полагањето на државната матура во учебната 2022-2023 година.
Вкупно 15.620 пријавени ученици го полагаат првиот и задолжителен екстерен испит по мајчин јазик, а следниот ќе се одржи на 10-ти јуни и најдоцна до 10-ти јули ќе бидат објавени прелиминарните резултати по кои ќе има можност за приговори, информираше министерот за образование и наука во Владата на Република Македонија Јетон Шаќири при денешната посета на средното училиште „Ибрахим Темо“ во Струга.
Министерот Шаќири на сите матуранти им посака успешно полагање на државната матура и како што рече, понатамошна реализација на образовните и животните цели кои ги имаат зацртано.
– Ги запазивме првично утврдените термини со кои учениците беа запознаени, а за кои имаше дилема во јавноста дали ќе бидат испочитувани. Така што, процесот се спроведува навремено, што е од особено значење за матурантите, за да можат да го продолжат своето високо образование, аплицирајќи на некоја високообразовна установа во соодветните рокови, или пак, да ја добијат дипломата и да се вклучат на пазарот на трудот, рече Шаќири.
Тој информираше дека поради губењето на часови во средните училишта во неколку наврати во оваа и претходните учебни години, како резултат на повеќе причини -пандемија, штрајк на наставници и лажни заканувачки дојави, МОН и Државниот испитен центар донесоа неколку одлуки за олеснување и прилагодување на процесот.
– Материјалите за интерните испити и банките со прашања се споделија четири недели пред интерниот испит со број на прашања 3 пати поголем од бројот на прашања на испитот. На универзитетите им се препорача првиот екстерен испит да биде соодветен на сите студиски програми, а се препорача и промена на соодносот на поените меѓу екстерните и интерните испити при упис, во корист на интерните. Исто така, понудивме и намалување на обемноста на тестот по мајчиниот јазик, кој ќе носи од 60 до 80 поени, а не како досега од 80 до 100 поени, истакна министерот за образование и наука.
Согласно Концепцијата за матура и за завршен испит во средното образование со четиригодишно траење во Република Македонија учениците полагаат 2 екстерни и 2 интерни предмети и подготвуваат проектна задача.
Во процесот на реализација на матурата во училиштата се ангажираат околу 2.000 наставници како тестатори и околу 300 набљудувачи и како што рече Шаќири, со оглед на тоа што се работи за вообичаен процес што се спроведува како задолжителен од 2008 година, не се очекуваат проблеми во текот на полагањето. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива