ноември 4, 2017

Охрид, 4. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – На својот прв работен ден по стапување на функцијата, новиот градоначалник на Охрид, Јован Стојаноски оствари средба со Шеикот Јасим Бин Хамад Ал Тани од Катар, по што во јавноста веднаш почнаа коментарите да не се работи за нов Субрата Рој.

На ова одговори градоначалникот Стојаноски, според кого е сосема очекувана таквата реакција од граѓаните, да настапат критизерски уште во самиот старт за да не се повторат оние работи на коишто тој и неговата партија реагирале во минатото.

JovanStojanoski3– Човекот којшто беше гостин беше навистина шеик и ние тоа го проверивме уште пред да го примиме. И втора работа е тоа што неговата посета беше договорена преку Амбасадата на Република Македонија во Катар и преку Министерство за земјоделство. Тој го посети градот Охрид и наша обврска беше протоколарно да го примиме. Ние ниту сме разговарале со него лично за одредени инвестиции, ниту сме разговарале за развој на Охрид, затоа што тоа беше мој прв работен ден како градоначалник. Човекот беше протоколарно дојден и се интересираше за одредени можности за купување на имот или за инвестиции во Охрид. Во секој случај моја должост беше да го примам, потенцира Стојаноски.

Градоначалникот истакна дека во овој момент шеикот Јасим Бин Хамад Ал Тани не се третира како инвеститор. Стојаноски е дециден дека немаат намера да измислуваат нов Субрата Рој. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука