Охрид, 3. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, во соработка со „Скопскиот поетски фестивал“ и „Култура Бета“, во Охрид ќе го реализира и шестото издание на проектот „Добри гости“ преку кој иницира серија книжевни гостувања на автори од Скопје во внатрешноста на земјата на заеднички читања со локални автори, а во соработка со локални чинители.
Настанот ќе се одржи вечерва, сабота, 3-ти февруари 2024 година, во кафе и бар Shilla во Охрид, со почеток од 18:00 часот, како преднастан и во рамки на традиционалната културна манифестација „Прличеви беседи 2024“, со поддршка на Општина Охрид.
– На шестото издание на „Добри гости“ во Охрид ќе учествуват: Андреј Ал-Асади, Павлина Атанасова, Николина Андова Шопова, Петар Андоновски, Фросина Пармаковска, Иван Антоновски, Димитар Пандев, Славе Ѓорѓо Димоски, Зоран Јакимоски, Марија Ангеловска, Марина Шикова Димовска, Д. А. Лори, Стефан Костоски, Иван Шопов, Јордан Коцевски, Марина Шокева, Мирко Томовски, Митко Колјушевски, Митре Мангоски Радождански, Маја Мојсова, Тони Попов, Христина Цветаноска, Јован Цветкоски, Матеа Стоев и Наталија Танеска, информираат организаторите.
„Добри гости“ се состои од читање поезија и проза, емитување поетски и други краткометражни филмови поврзани со литературата, разговори со автори, со издавачи, разни трибини, книжевни промоции, работилници и слично. Овие гостувања досега се одржаа во Штип, во Тетово, во Струмица, во Демир Хисар и во Куманово, и ќе се одржат во уште градови низ земјата, по што иницијативата ќе заврши кон крајот на 2024 година со маратонско книжевно читање во Скопје, на кое, доколку се во можност, би учествувале сите вклучени автори. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива