март 23, 2017

Охрид, 23. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Околу 30-на деца досега се пријавени за Школото за ракомет „Охрид“, кои ќе тренираат до крајот на јуни, а по летниот распуст, од септември ќе продолжат со тренинзите.

Оваа сабота, како што најавуваат од школото, започнуваат со првиот тренинг. Инаку, Школото за ракомет „Охрид“ се формираше на иницијатива на КМГ Спорт – агенцијата за спортски маркетинг, консалтинг и менаџмент. Агенцијата е организатор на Летниот ракометен камп „Кире Лазаров“, кој на лето се одржува во Охрид.

– Во склоп на ракометниот камп „Кире Лазаров“, агенцијата иницираше формирање на нови ракометни школи низ македонските градови, наменети за помлади ракометари, родени 2003 година и помали. Ќе имаме повеќе тренинзи, два термини се за тренинзи, кои ќе се одржуваат во салата при ОУ „Григор Прличев“ и еден термин во Спортскиот Центар „ИБ Фитнес“ во Охрид, вели професорот Наум Јамандиев.

skolorakometohrid2

Освен професорот Јамандиев, децата ќе ги тренира и Наташа Поповска Карче, поранешна ракометарка. Младите ракометари, кои се пријавени во Школото за ракомет „Охрид“, доколку пројават желба, можат да учествуваат и на тренинзите на летниот камп на нашиот најдобар ракометар Кирил Лазаров. Пријавувањето за овој камп започна од февруари.

– Кампот „Кире Лазаров“ годинава ќе се одржи по трети пат. Кампот е од комерцијален карактер и доколку нашите млади ракометари имаат средства, можат да се пријават таму. Во секој случај, ние ќе го посетиме кампот кога ќе се одржува, ќе видиме како се одржуваат тренинзите, додава професорот Јамандиев. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука