Охрид, 23. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Започна активната туристичка промоција на Република Македонија која е во фокусот на новинари, промотори, блогери, телевизиски екипи од Јужна Кореја, Шпанија, Италија и Црна Гора.
Во формат на патувачки дневник преку видеа ќе ги истражуваат убавините на Република Македонија и ќе споделуваат оригинални приказни и искуства од земјава.
Еден од најинтригантните за светската јавност е Хуан, репортер и патувачки инфлуенсер од Шпанија кој заедно со неговото куче Мигас го патува светот.
– Многу сме возбудени поради претстојните видеа од истражувањето на автентичните македонски дестинации. Останете со нас, порача Хуан.
Авантурата ја започнаа од Шпанија, патуваа низ Турција, а исто така ќе поминат низ Франција, Италија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Албанија, Република Македонија и Бугарија. Важно е да се напомене дека нивните документирани авантури ќе се прикажуваат на La 2 шпански телевизиски канал управуван од „Televisión Española“, телевизиски оддел на државниот јавен радиодифузер „Radiotelevisión Española“ и ќе се емитуваат на канали низ целиот свет.
Хуан со Мигас дојде во Скопје на 16-ти oктомври и ќе снимаат на локации низ Скопје, Битола, Охрид и Тиквешкиот регион. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива