Што ја одбележа 2024 година на OhridPress? Пожари, избори, автопат имаТ-немаТ…
декември 31, 2024

Охрид, 31. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – На последниот ден на старата, 2024 година, се потсетуваме на локалните актуелности и настани кои ја одбележа 2024 година на вашиот број 1 локален информатор – интернет порталот OhridPress.

Пожари, двоeн изборен процес, прениско езеро и плати, превисоки цени и летни температури… Според деталната аналитика, овие вести се читале најмногу минатата година, заедно со фото и видео материјалите кои екипата на OhridPress секојдневно ги испорачуваше за сите во земјата и светот, како доза OhridIN за сите на кои им е опаднато нивото на Охрид во крвта.

News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...

Една од темите кои останаа во центарот на вниманието на јавноста веќе цела деценија секако беше и незавршениот автопат Кичево-Охрид. Она што беше логичко сите овие години наназад и се подразбираше како потез, дека може да се отвори патниот правец на сегменти, барем на делот од Охрид до Врбјани, кој и не е толку подложен на одрони и слични проблеми, конечно ќе се оствари. Најавите се големи и видливо е дека се има енергија тоа да се направи, а дали ќе ги држи истата одговорните сосема до крај – се надеваме да, за доброто на сите.

News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...

Во сегментот со патната инфраструктура, од големо значење е и регионалниот пат Охрид-Св. Наум кој не поврзува со најпопуларните плажи и туристички населби на езерото, а преку граничниот премин „Св. Наум“ води и кон соседна Албанија. Сега истиот е уреден, далеку е подобар од претходно, но останува фактот дека барем на одредени делови можеше да се прошири и да добиеме уште пофункционален патен правец.

News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...

Загадениот воздух стана реалност во Охрид. Градот често е помеѓу првите 2-3 најзагадени градови во државата. Проблемот со депониите „Буково“ и „Мауцкер“ го актуелизираат дел од медиумите и еколозите, а дали ќе имаме конкретен исчекор на ова поле, останува да покаже времето. Во неколку наврати имавме и случаи на т.н Сахарски песок во поширокиот регион на Охрид.

Во 2024 година имавме двоен изборен циклус од парламентарни и претседателски избори. Во новиот парламентарен состав влегоа тројца пратеници од Охрид, Сашо Донев, Лидија Петкоска и Грација Бакраческа кои ќе ги бранат интересите на Охрид. Експертот за уставно право и професор на правниот факултет „Јустинијан Први“ Гордана Силјановска Давкова, родена во Охрид, е избрана за нов претседател на Република Македонија.

News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...

Пожарите кај Косел, на Илинска планина и Галичица беа едни од настаните кои ја одбележаа годината која е зад нас. Колку беше голем проблемот доволно зборуваат бројките дека само пожарот на Галичица опустоши над 6.500 хектари површина. Бројни професионалци во областа, но и доброволци од Охрид и целата држава, со сериозна поддршка од воздух успеаја да го угаснат пожарот. Охриѓани упатија со огромна благодарност за хероите – пожарникарите, пилотите и месното население кои ги гасеа пожарите. За жал, оваа вонредна ситуација симна и бројни маски, на државно и локално ниво, па од ТППЕ Охрид најавија постапки против сите кои направиле злоупотреби.

News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...

Исклучително сушниот период направи водостојот на езерото да се симне и под минималната граница. Сликата која минувачите на градскиот кеј можеа да ја видат (и се’ уште можат да ја видат), наликуваше на мини-верзија на Бол на Брач. Откако со негрижата направивме вистинско „игралиште“ за фудбал од она што е нашето најголемо богатство, едно утро Шефов од горе ни фрли и топка, за впечатокот да е комплетен.

News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...

Истото можеби е „дело“ на некој со сериозна смисла за хумор, или едноставно игра на брановите и ветерот, но сликата е, како што велат постарите „да се замисли човек“. Како и да е, порака за тоа „до кај сме“, стигна „и од горе“.

На свечена академија во чест на Св. Климент Охридски, Охрид ги додели највисоките општински признанија. На проф. д-р Павле Митрески, долгогодишен научник и истражувач на историското минато на Охрид и Република Македонија, му беше врачено најпрестижното општинско признание, наградата Патрон на градот Св. Климент Охридски. Клубот за подводни дејности Охрид и Здружението на граѓани НАТГ „Аматер“ од Охрид се добитници на Повелбата – Патрон на градот „Свети Климент Охридски“ за 2024 година.

News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...

Дивоградбите на самиот брег, загадувањето на водата, дивите депонии, немањето јасна стратегија за заштита… Ова се дел од главните причини за сериозните забелешки на УНЕСКО за Охридскиот Регион, кои беа упатени изминатите години, кон нашата држава. Иако во моментов е под заштита на оваа светска организација, сепак статусот на регионот е на стаклени нозе и многу лесно може да биде ставен на листата со загрозено културно наследство. На оваа тема повторно ќе се расправа на 47. сесија на Комитетот за светското наследство на УНЕСКО, која ќе се одржи во Софија, Република Бугарија, од 6-ти до 16-ти јули 2025 година.

News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...

Од УНЕСКО за 70-тина сантиметри го оспорија проектот за санација на кејот, но сите ја преќутеа санацијата на потегот кај каналот кој се заврши во годината која е зад нас. Сите колективно најгласно молчат за она што се прави на делот во Струга, но и на стариот пат Охрид-Струга каде на повеќе места е поставен тампон, се пали и уништува трска и слично.

За жал и годинава остана актуелен проблемот со кучињата скитници. Ги има во целиот град, па се’ до потегот кај поранешниот хотел „Парк“, по целата пешачка зона. Се појавуваат периодично, а забележливо е нивното присуство последните месеци, особено во центарот на градот. Во битката за храна, изгладнетите бездомни животни се движат во група. Најчесто се во поширокиот регион на Градскиот плоштад, низ охридската чаршија, а особено по кејот, каде бројни граѓани шетаат со домашните миленичиња, што понекогаш го буди ривалството во животните и често сме сведоци на нивни обиди за пресметка.

News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...

За првите девет месеци во 2024 година бројот на населението во Република Македонија се намали за 2.440, а во Охрид намалувањето е 155 лица. Последните три години од градот под Самуиловата тврдина во странство се отселиле 1.164 лица. Во Охрид годинава има за 94 првачиња помалку од лани, а новата учебна година започна со 436 првачиња.

News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...

Степенот на криминал останува исклучително висок во Охрид. Секојдневие е семејното насилство, тепачки, агресивно однесување кон граѓани и службени лица… Јавна тајна е дека дрогата ја има во големи количини, а Охрид полека се претвора во град на игри на среќа и брзи кредити. И рибокрадците беа „вредни“ и оваа година, па полицискиот Билтен носеше информации за бројни настани кога беа фатени во водите на езерото. А колку не беа фатени? Сообраќајните незгоди и во годинава која е зад нас останаа секојдневие, ниската сообраќајна култура и лошата патна инфраструктура секојдневно го земаат данокот.

News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...

Годинава која е зад нас продолжи градењето на нови стамбени објекти. Најголемиот туристички центар кај нас не успева да најде сила да го запре овој „самоубиствен“ круг, кој го претвора градот во една голема колективна спална и е сериозен удар врз туризмот. Постојано добиваме нови „охриѓани“ кои не се туристи, си имаат свои станови кои ги користат со пошироките семејства. Старата болка остана, нема стратегија за да се реши проблемот, а најголемиот проблем е што како и да се нема желба за истото. Сегментите во живеењето на градот ги гледаме парцијално, а не како една целина и еден жив организам кој треба да функционира со сите особености кои ги носи животот во градот. Она што е јасно е дека сметката за ова што „го јадеме“ ние сега, ќе ја платат нашите деца и внуци.

News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...

Затворен базен останува еден од најскапите зборови во Охрид. Ова дамнешно ветување на сите политички групации од претходно започна да се гради во далечната 2015 година, но за жал, и понатаму останува само ветување за охриѓани. Почетокот на градежните работи беше означен на 12-ти ноември 2015 година, а првичниот договор предвидуваше овој спортски објект да биде завршен најдоцна до април 2018 година. Потоа како следни крајни рокови беа зададени 2020, односно 2021 година. Денеска е последниот ден од 2024 година, а состојбата и понатаму е на статус „ќе“, а затворениот базен е токму таков – затворен.

News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...

Градот зад себе остава една од подобрите сезони во своето постење, со сите проблеми кои тоа ги носи. На охридскиот аеродром во мај 2024 година пристигна првиот авион со 120 туристи од Холандија, по што продолжија летовите со гости од целиот свет кои уживаа во хотелите во Охрид и Струга. За жал и на полето на туризмот немаме конкретна стратегија со јасни правци за движење и делување. Повеќе владее стихијата со индивидуални потези и моментална инспирација. Се’ уште го немаме фото-роботот на совршениот гостин во Охрид – кој е тој, од каде е, колку се неговите можности за плаќање, што сака да види и посети, што ние имаме од тоа да понудиме. Главното прашање и понатаму останува неодговорено – кого сакаме да го видиме во Охрид и имаме ли реално понуда за тие луѓе? Во меѓувреме скромна е понудата за сериозните гости. Во моментов нудиме полуинвентивни забави со толку пати видени артисти и настани, премногу гужва, премногу бука, премногу скари, пуканки, рингишпили, проблеми со паркинг, прескапи пластични лежалки, „газди“ со „моја е плажава“ став… За среќа, исконската убавина на Охрид редовно победува и гостите сепак доаѓаат да го видат. Најбројни, веќе по традиција се посетителите од Турција, Србија, Грција…

News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...

И годинава се организираа бројни хуманитарни акции за собирање средства за помош на повеќе наши сограѓани. Охриѓани уште еднаш ја покажаа и докажаа својата хуманост и подадоа рака, како и секогаш кога тоа е најпотребно. Заедно вративме надеж во многу семејства и насмевката кај многу дечиња. Охриѓанецот Кадри Селман продолжи да ги воодушевува гостите со неговите дела и го разубавува Охрид, а убавините на градот и понатаму ги овековечуваа со своите фотки охридскиот фотограф Зоран Спирковски, Нина Анѓелоска, Илија Богданоски, Ристе Спироски кој имаше и одлични фотографии од кометата Tsuchinshan-ATLAS, стружанецот кој најубаво го фотографира Охрид, Александар Менкиноски, екипата на Супер радио и OhridPress и многу други.

News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...

Целиот свет е сцена за Миланка Новеска, Дамјан Пејчиноски и Владимир Четкар кои докажаа уште еднаш дека во Охрид секога се слушала, пуштала и свирела/пеела најубавата музика. Охриѓанката Анастасија Милеска со нејзиното гитарско дуо „Дениција“ годинава имаше чест да настапи во Шведскиот парламент во Стокхолм.

Младиот математичар Леонид Тодороски продолжи да ниже сериозни успеси. Охриѓанката Емилија Николовска беше дел од тимот кој освои злато на Европската Олимпијада по физика, Атина Рувинова освои бронзен медал на Европската олимпијада по информатика за девојки, а нашиот Дамјан Давков освои сребрен медал на Балканската олимпијада по информатика.

Проф. д-р Анис Сефиданис во 2024 го промовираше „Споменикот на иднината“ – космонаутот на холографски пергамент од иднината ја донесе Глаголицата на Светите браќа Кирил и Методиј. Во чест на Денот на независноста тој го претстави и Алшар, првиот робот DJ. Супер успешниот охриѓанец Александар „CacaNito“ Ќулукоски CS2 кариерата ја продолжи во новата екипа BC.Game со легендарниот тренер Ladislav „GuardiaN“ Kovacs.

Охридскиот бисер од семејството Талеви прослави еден век долг јубилеј. Веќе 100 години е единствен и уникатен, а нивни креации ги красеа грлата на Кралицата Елизабета, Принцезата Дијана… Измина цел век од изработката на првиот охридски бисер од рацете на членовите на познатата охридска фамилија Талеви.

Познатиот охридски уметник Сашо Блажес имаше забележителни изложби во Париз и Венеција, а негово дело беше меѓу 13-те финалисти од Европа за наградата Premio COMEL, Contemporary Art Award.

News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...

Охридските боксери и таеквондисти и годинава која е зад нас беа светла точка во охридскиот спорт. Охриѓанката Анастасија Мојсовска ги бранеше боите на Република Македонија во стрелаштво на Олимпијадата во Париз. Нашите Лина Луканова и Тамара Лазеска се дел од македонската репрезентација во женски фудбал до 17 години, а охриѓанката Климентина Модева е највисоката спортистка во историјата на женската кошарка на Weatherford колеџот во Тексас, САД. Веслачите на клубот „Горица Ремо“ 2024 година ја оставаат со забележителни успеси зад себе. Бразилецот Матеус Еванжелиста и Французинката Каролин Жуис најбрзи на 37. издание на Охридскиот пливачки маратон.

Охрид во 2024 година го доби својот лото-милионер кој освои 1,7 милиони евра. Од Државна лотарија информираа дека добивката била исплатена, дека добитникот е од Охрид, и сакал да остане анонимен.

News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...

OhridPress годинава ја заврши со преку 30.000 супер-активни следбеници на Facebook. Продолживме со максимална промоција на убавините на Охрид пред туристите од целиот свет. Тука е рубриката Охрид е СУПЕР, „Охрид најубав“ доби и видео варијанта, ги пренесувавме најубавите муабети од Охрид и околината, се потсетувавме на едно прекрасно време во Охрид некогаш, го „оживувавме“ стариот Охрид преку AI обработка на стари фотографии, секојдневно регистриравме „До кај сме“ и состојбата во која е секој ден акумулацијата „Охридско Езеро“, ги запознававме најубавите места, локации, градби и институции во градот, започнавме со сегментот „Подај рака“ за помош на сите на кои им и најпотребна, најубавите и најинспиративните приказни во сегментот „Живот“, споделивме многу совети за здравје, многу музика, забава, спорт, но и коментари и посочувања кон работите кои треба и мора да се исправат и подобрат за да се подобри животот во преубавиот Охрид…

News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...

Новата 2025 година на сите нека ни донесе многу здравје, среќа и успех.

Ваш OhridPress

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука