октомври 8, 2024

Охрид, 8. октомври 22024 (ОХРИДПРЕС) – Секогаш на висина на задачата и онаму каде е потребно, веќе две години постои ДПД „Ентузијаст“ за општините Охрид и Дебрца.

Моментално брои 15 членови обучени за справување со шумски пожари на отворен простор. 5-6 членови се постојано оперативно активни на терен. Беспоштедно, членовите на друштвото летово учествуваа и во гаснењето на пожарите на Галичица, но и на други места низ Македонија.

Со претседателот Тихомир Ѓоргоски поразговаравме за формирањето на друштвото, како се станува член, но и околу предизвиците со кои се соочуваат околу немањето соодветен простор за чување на опремата и возилото.

OhridPress: Повеќе од две години постои ДПД „Ентузијаст“ за општините Охрид и Дебрца. Од каде идејата за формирање и колку беше тешко или лесно на почетокот?

Ѓоргоски: Така, како што кажавте, Доброволното противпожарно друштво „Ентузијаст“ Охрид – Дебрца е формирано пред 2 години на иницијатива на командирот на противпожарната единица Охрид, Борко Јанкулоски, од кој имаме голема поддршка во нашите активности и имаме одлична соработка. Како што кажавте, почетоците како почетоци нормално се тешки, но кога имаш таква помош и поддршка од професионалци, секогаш работите се полесни и подобро се напредува.

OhridPress: Која е процедурата да се стане член на друштвото?

Ѓоргоски: Член може да биде секој оној, кој е ентузијаст, се чувствува психофизички способен, без разлика на вера, нација, пол и сака доброволно, без надомест да помогне во заштита на животната средина, тогаш кога е потребно. Некоја процедура нема. Формално-правно се пополнува пристапница, за тој што сака да стане член и потоа, кога има обука, се спроведува некоја вежба, нормално присуствуват новите членови. Потоа кога е потребно на терен, стануваат активни и делуваат.

OhridPress: Колку членови брои моментално ДПД Ентузијаст?

Ѓоргоски: Моментално броиме 15 членови, од кои 5-6 членови се постојано оперативно активни на терен. Истите се обучени за справување со шумски пожари на отворен простор.

OhridPress: Каква е состојбата со опрема, како се снаоѓате?

Ѓоргоски: Состојбата со опрема, од аспект на лична заштитна опрема, посредуваме шлемови, ракавици, чизми, комбинезони  за шумски пожари. Истите се донација од „Armor Plus“, фирмата која представува општествено одговорна компанија и ги поддржува доброволните противпожарни друштва во рамки на своите можности. Од аспект на колективна опрема, исто посредуваме напртњачи, метли, гребла, повторно за справување со шумските пожари. Изминатиов период успеавме да реставрираме возило што беше сопственост на противпожарната единица Охрид, возилото е Лада Нива, беше во многу лоша состојба, го реставриравме истото, го регистриравме и е повторно ставено во употреба, таму каде што ќе биде потребно.

OhridPress:  Периодов наназад бевте присутни постојано на терен, годинава се соочивме со големите пожари на Галичица, а покрај во Охрид и Дебрца интервениравте и на други места низ државата. Кажете ни дел од искуствата.

Ѓоргоски: Годинава беше катастрофална од аспект на шумските пожари. На 3-ти август, кога изби пожарот помеѓу селата Косел, Расино и Опеница, на повик на противпожарната единица Охрид, заедно со нив се вклучивме активно во гаснење на пожарот. Учествувавме 5 членови до целосно гасненње на тој пожар. Непосредно после тоа изби пожарот на Галичица, каде што гореше поголема површина, огромна површина се разбира според големината на планината, и таму секојдневно бевме активни, како што беше предходно, до гаснење на пожарот. Потоа во Охрид ситуацијата се смири, имаше потреба од помош во Мариовскиот крај, заедно со професионалните пожарникари од Охрид, дејствувавме во тој дел, каде што постоеше опасност за проширување на пожарот кон околните села.

OhridPress:  Секогаш на висина на задачата и онаму каде е потребно, но каква е состојбата околу просторните услови, дали е решено тоа прашање?

Ѓоргоски: Тоа прашање сѐ уште не е решено, претставува еден од најголемите проблеми со кои се соочуваме. Во Општина Дебрца, во старата општинска зграда имаме испостава на ДПД „Ентузијаст“, но тој простор го користат и други јавни претпријатија, значи не е оставен на користење само за нас. За град Охрид се работи моментално на решавање на тоа прашање, да добиеме простор, и гаражен простор за возилото, и простор што ќе биде наменет исклучиво за користење на ДПД, каде ќе може да ја чуваме заштитната опрема, личната и колективната опрема и каде што ќе може да имаме состаноци, дружби, да спроведуваме вежби… Има најава дека би се решило ова прашање , се работи на тоа.

OhridPress:  Како се снаоѓате засега?

Ѓоргоски: Засега се сноѓаме така што личната заштитна опрема сија имама секој дома, од колективната опрема имаме дел во Општина Дебрца и на терен нѐ помагаат од ТППЕ Охрид со опрема за гаснење на пожари.

OhridPress:  Дали опремата што ја поседувате засега е доволна?

Ѓоргоски: За овој број на членови и оперативно активните на терен, нормално е доволна, но сепак треба да се обнови, да се надополни, затоа што колку повеќе си на терен материјалните работи побрзо се трошат. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес/ДПД „Ентузијаст“

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука