Охрид, 14. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Документарната претстава за најстарата нација на светот, „Јами Дистрикт“ синоќа беше одиграна по 19-пат, но првпат во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
По својата форма, претставата е фрагментирана и постмодерна, а голема важност во неа има и видео-додатокот, со кој се надополнува чувството за вистински документарец. Во видеото можат да се забележат познати политичари, лажни изданија на национален дневник и други емисии. Во претставата играа: Исидора Симијоновиќ, Нина Нешковиќ и Јелена Граовац, на сцената заедно со нив е и музичката група „Врум“, а претставата е работена според текстот на Милена Богавац, а во режија на Кокан Младеновиќ.
– Немав некои очекувања од публиката. Овде имаш размена на емоции, и задоволна сум. Денес сум првпат во Охрид, се надевам дека ќе имам време подобро да го запознаеме овој град. Денес 19-ти пат ја играме оваа претстава на просторите на поранешна Југославија. Претставата ја подготвувавме доста интензивно, поради тоа што целата претстава е брза, ние ја правевме како што ја чувствувавме. На сцена сме час и триесет минути, потребно е многу енергија и адреналин, вели актерката Јелена Граовац.
Според авторот и продуцентот на музиката, Марко Грубиќ, за четири месеци, ова е 19-та изведба на претставата, а по „Охридско лето“, како што вели, следи летна пауза и нова игра на сцената од септември.
-Во Охрид сум првпат, но лани настапувавме со истиот авторски тим на МОТ во Скопје и се надевам дека и догодина ќе настапиме со нешто ново на „Охридско лето“. Подготовката за оваа претстава беше доста долга, ние сме веќе проверена екипа, не ни е прва сорботка, но сепак ни требаше време да ја развиеме оваа теза“, вели Грубиќ.
Одлично спакуваната театарска игра „Јами Дистрикт – најстарата нација во светот“ беше проследена од огромна публика која ги награди актерите со бурни ракоплескања. (Крај)
извор: Охридско лето фото: Охридско лето