Охрид, 27. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – По примерот на светски познатиот илузионист Harry Houdini, Јане Петков денеска напладне ќе се обиде да се ослободи од дното на езерото кај „Сараиште“, врзан со лисици, ланци и катинари.
Оваа атракција е во организација на Црвен крст Охрид, како дел од Ohrid Water Festival 2024, со поддршка на ПК „Охридски бранови 2008“ од Охрид и Нуркачкиот центар „Акватек“.
Синоќа се одржа презентација на тема „Неверојатните можности на човечкиот дух“ во просториите на Црвен крст Охрид, на која презентерот Јане Петков од Сандански, Бугарија откри интересни техники за дишење и медитација пред неговиот нов подвиг.
Човекот амфибија, 70-годишниот Петков, во многу сложени услови, врзан со лисици, ланци и катинари, потопен на дното на Охридското Езеро, кај плажата „Сараиште“ во Охрид, ќе се обиде да се ослободи и излезе на површината на водата, без никакви помагала, по примерот на светски познатиот илузионист Harry Houdini.
Ова ќе биде втор настан кој Црвен крст Охрид го организира со Петков. Првиот, спортско-медицински настан за Гинисов рекорд Црвен крст Охрид го организира на 10-ти септември 2013 година, кога тој преплива растојание поголемо од 2 километири во Охридското Езеро, од плажата „Орце Николов“ до Градското пристаниште во Охрид, целосно врзан во вреќа.
Јанко Петков е роден на 6-ти август 1954 година во градот Сандански, во Пиринска Македонија. Натпреварувач на пливачкиот клуб „Вихрен“ од 1960-тите. Добитник на многу медали од натпревари во Бугарија и Грција. На почетокот на 1990-тите, тој постави уникатен рекорд за пливање 2.100 метри под вода во базен за нешто повеќе од еден час, земајќи здив секој пат кога ќе го допре ѕидот. Оттука и неговото име „Човек амфибија“. Има рекорди за препливување на реката Дунав врзан во вреќа, подобрување на рекордот на Индиецот Гопал-Карли во Охридското Езеро во 2013 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива