Охрид, 17. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денес во Хидробиолошкиот завод Охрид на работна средба ќе биде потпишан Договор за воспоставување научна соработка меѓу заводот и Музејот на езерото Бива од Јапонија.
Договорот за соработка ќе го потпишат директорот на Хидробиолошкиот завод д-р Елизабета Велјаноска Сарафилоска и директорот на Музејот на езерото Бива д-р Тори Шинохара.
Првиот резидентен Амбасадор на Република Македонија во Јапонија, д-р Андријана Цветковиќ, во изминатите две години посветено работеше на воспоставување на контактите меѓу Хидробиолошкиот завод – Охрид и Музејот на езерото Бива, остварувајќи бројни средби со претставници од двете институции и општина Охрид. Таквите заложби резултираа со утрешното поставување на основите за плодотворна соработка меѓу двете научни институции. Потпишувањето на Договорот за соработка е уште еден чекор напред во зајакнувањето на македонско – јапонската билатерална соработка во научната област, со кој се овозможува размена на научни искуства и заеднички проекти меѓу двете институции.
Предвидено е соработката да се одвива на две нивоа: научно – истражувачка и музејска. Во делот на научно-истражувачката соработка ќе се вршат заеднички испитувања на ретки ендемски видови и старост на езерата (Охридското Езеро припаѓа меѓу најстарите и најголеми езера во Европа, а езерото Бива претставува најголемото слатководно езеро во Јапонија), додека во делот на музејската соработка предвидено е претставување на Охридското Езеро во Музејот на езерото Бива.
Во состав на јапонската делегација од Музејот на езерото Бива, предводена од директорот на музејот д-р. Тори Шинохара, се и д-р. Кеиичи Такахаши заменик директор на музејот, Тошики Фуџимура -Виш соработник на директорот и раководител на одделението за обнова како и истражувачот д-р. Робин Џејмс Смит. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива