Охрид, 25. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Кондураџискиот е многу стар занает во Охрид и охридско, денешниот празник Свети Спиридон Чудотворец, заштитникот на кондураџиите во минатото масовно се одбележувал, но оваа традиција веќе ја нема.
Во минатото овој ден се одбележувал со бројни црковни и други обичаи и избор на кум, но последниве 20 години празникот не се слави масовно и онака како што би требало. Во градов има само четворица кондураџии од кои само јас сум православен христијанин, вели за Супер радио и ОhridPress чевларот и претседател на Регионалната занаетчиска комора, Сашо Богоески.
– Порано имало многу кондураџии и масовно го славеле Св.Спиридон денот на кондураџиите. Знам дека бил грчки владика живеел на островот Крит и бил заштитник на кондураџиите, лекувал болни, особено умоболни. Прославите биле масовни и дедо ми учествувал. Но, денес бројката на кондураџии е многу мала, моментално во Охрид се само четворица, од кои само јас сум православен. Ида сакам да правам обичаи нема со кого да се собериме и да го одбележиме денот онака како што некогаш се прославувал, потенцира Богоески.
Моментално во комората се регистрирани околу 300 занаетчии во Охрид и Дебрца и тоа најмногу фризери, бербери и козметичари. Загрижува фактот што последниве години значително се намалени регистрациите на нови занаетчии, а за кондураџискиот може да се каже дека веќе е занает што изумира. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива