Охрид, 16. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Јован Стојаноски од Коалицијата „Живот за Македонија“ предводена од СДСМ е идниот градоначалник на Охрид.
Според првичните официјални податоци на Државната изборна комисија, Стојаноски од вкупно излезените 33.754 граѓани на изборите освоил 18.251 глас или 54,07 проценти што е доволно за победа во првиот круг.
Коалицијата предводена од СДСМ победи и во трката за советнички места во идниот состав на советот на општината, со освоени 15.198, пред ВМРО-ДПМНЕ со освоени 12.871 гласови. Тука се уште и листите на коалицијата ДУИ, БЕСА и Алијансата на Албанците со освоени 2.643 гласа, листата на независниот советник Љупчо Настоски со 1.180 гласа и онаа на ДПА со 323 гласа.
Каков ќе биде распоредот во идниот состав на 23-члениот совет на Охрид ќе покажат конечните официјални резултати на ДИК.
Приврзаниците и симпатизерите на СДСМ уште ноќеска славеа победа низ улиците на Охрид. На градскиот плоштад прво обраќање пред своите поддржувачи имаше и новиот градоначалник Стојаноски кој им заблагодари на охриѓани за укажаната доверба и вети дека уште од првиот ден од стапувањето на функцијата ќе започне со работа на реализација на дадените предизборни ветувања.
Победа во првиот круг Коалицијата предводена од СДСМ оствари и во општина Дебрца, каде уште синоќа беше прогласен новиот градоаначалник Зоран Ногачески. (Крај)
извор: А1Он фото: архива