Охрид, 22. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Од Јавното претпријатие за државни патишта на Република Македонија, информираат дека регионалниот пат Охрид-Св. Наум ќе биде готов до февруари 2025 година.
– Рехабилитацијата и поправката е на должина до 24,3 километри, а вредноста на зафатот е 613,066,005 денари, со средства од буџет на ЈП за државни патишта. Рок за изградба е февруари 2025 година, а изведувач е фирмата „Илинден“ АД од Струга. Надзорот е на Институт за патишта ДООЕЛ од Велес, здружен со Geotechnics, Projects & Consulting ДОО Подгорица и Institut IGH d.d. акционерско друштво за истражување и развој во градежништво Загреб, информираат од Јавното претпријатие за државни патишта на Република Македонија.
Додаваат дека вкупниот прогрес на градежните работи изнесува 75%.
Читатели на OhridPress од селото Пештани неодамна реагираа и испратија фотографии до нашата редакција од состојбата во која се наоѓа патниот правец Охрид-Св. Наум, на потегот кој поминува низ селото. Велат дека состојбата е непроменета цел месец и дека се гушат во прашина со секој поминат автомобил на овој фреквентен патен правец, кој води кон границата со соседна Албанија, но и бројните туристички места на овој потег на Охридското Езеро.
– Станува збор за потегот од црквата „Св. Богородица“, па се’ до излезот од селото. Значи целиот потег на селото е зафатен. Асфалтот е изгребан, направени се подготовките, но така остана веќе еден месец, велат во дописот.
Овој зафат е дел од реконструкцијата на регионалниот пат 1301, кој води од Охрид до Свети Наум, која започна на 24-ти октомври 2023 година. На делницата која е завршена е извршено парцијално проширување на коловозот на поголемите кривини, а на дел е извршено и тампонирање. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива/ОхридПрес