Охрид, 16. април 2022 (ОХРИДПРЕС) – По силните реакции во јавноста деновиве за истекот на вода во Охридското Езеро на потегот кај месноста Грашница, по што следуваше и вонредна контрола од страна на Државниот инспекторат, од ЈП Колекторски систем излегоа со официјално сооштение во кое обвинуваат дека се изнесени невистини.
– На ден 13.04.2022 година, од страна на Државниот инспекторат за животна средина по претходна пријава и налог од директорот на Државниот инспекторат беше извршен вонреден инспекциски надзор во ЈП Колекторски систем за работењето на истиот во месноста Грашница. При тоа е констатирано дека е зголемен водостојот на реката Грашница по обилните врнежи и топење на снег од каде големи количини на матна вода се влева во водите на езерото, од испустите околу игралиштето истекува мала количина на заматена вода која после краток период во целост е прекината, извршена е посета на препумпната станица Даљан каде е воочено дека истата е во функција и дека нивото во препумпниот базен е ниско. Почитувани, ЈП Колекторски систем согласно неговите програмски активности и до сега има превземено низа активности врска целокупното работење на колекторскиот систем за заштита на Охридското езеро, посебно во делот во месноста Грашница. Од наша страна во текот на претходната година извршено е целосно снимање на овој дел од колекторскиот систем при што се откриени голем број на аномалии кои децениски прават проблем. Од снимките може да се констатира дека најголемиот проблем како овде така и во поголемиот дел од колекторскиот систем е неоделеноста на атмосферската од канализационата мрежа (само околу 20%), која за време на дождови но и после тоа, се до целосно исцедување на количеството на вода од системот, се активираат испустите кои се оставени на тој дел од системот уште во времето на неговата изградба. Голем број на диви приклучоци, намерно искршени цевки како и голем број на внес на чиста вода која наместо да биде поврзана во атмосферскиот систем истата е внесена во нашиот цевковод. Токму поради тоа нашето претпријатие во годинешниот план за јавни набавки има предвидено чистење на цевковод со користење на високопритисочни цистерни, која постапка е веќе во тек и одма после Велигденските празници истата ќе биде отпочната точно на тој дел, со што ќе се овозможи зголемување на водотекот низ цевководот и со тоа ќе се намали активирањето на системските испусти на тој дел, реагираат од претпријатието.
Додаваат дека од досегашните нивни активности, гордо можеле да кажат дека ја отпочнале санацијата на колекторскиот систем темелена на студијата „Џајка“.
– Со завршувањето на првата ситуација за која од страна на Владата беа обезбедени 4 милиони евра успешно се санирани четири најпроблематични точки од кои во минатото големи количини на фекална вода директно се влеваа во водите на Охридското езеро и тоа во населбите Лагадин, Детска болница, потегот кај Горица покрај текот на пешачката патека до плажата Кадмо и делот после препумпната станица Даљан до месноста „Св. Еразмо“. Исто така беше извршено чистење на секундарната канализација во градовите Охрид и Струга како и комплетно репарирање на 20 препумпни комплети на препумпните станици. Тоа е само почеток на санацијата која пред се поради пандемијата и сите светски кризи кои се во моментов е времено застаната, но сепак ние од сопствени средства продолжуваме со санирање на четири децениски воопшто не одржуван колекторски систем, додаваат од ЈП „Колекторски систем“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива
повеќе:
И денеска продолжува истекувањето на матна вода во езерото кај Воска (Фото/Видео)