Охрид, 25. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – ЈП „Охридски Комуналец“ започна со имплементација на систем за електронска наплата на сметките.
Станува збор за плаќање на услугата: подигање, транспорт и депонирање на комунален отпад, кои сега ќе можат да се плаќаат со кредитна или дебитна картичка, без провизија.
– Со оваа услуга корисниците ќе имаат увид во неплатените месечни сметки и брзо, лесно и сигурно ќе можат истите да ги платат. За оваа услуга корисникот треба да креира кориснички профил на веб-страната www.eohridskikomunalec.com.mk каде се внесува шифрата на корисник испечатена на сметката. Доколку корисникот сака да има увид во повеќе свои објекти во шифра на корисник се внесуваат шифрите разделени со запирка, а прегледот на неплатени сметки е даден по објекти. Услугата е достапна 24/7 па на тој начин се избегнува закаснетото плаќање и се избегнуваат каматите, се заштедува време и енергија, информираат од ЈП „Охридски Комуналец“.
За да можат да ја користат услугата Е-наплата, корисниците најпрвин треба да се регистрираат преку на веб страната на јавното претпријатие.
Со новиот начин на плаќање, значително ќе се олесни и плаќањето на сметките за корисниците со постојано место на живеење, надвор од општина Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива