август 12, 2019

Охрид, 12. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Јавното претпријатие задолжено за хигиената во градот, „Охридски Комуналец“, за повеќе од 4 пати ги зголемило средствата потрошени на име репрезентација.

Од 57 илјади денари, колку што биле потрошени во 2017 година, на 230 илјади денари во 2018 година, покажуваат податоците, кои по основ на добиени информации од јавен карактер ги објави „Слободен печат“.

Првиот човек на ова претпријатие Љупчо Грданоски, за Супер радио и OhridPress вели дека станува збор за трошоци кои се направени согласно законот.

– При прекувремено ангажирање на работниците за време на летната сезона и при чистење снег на зима им се дава по еден оброк и тоа оди на име репрезентација. Работевме на проект со делегација од Грција кои дојдоа овде, неколку пати бевме на ручек. Сето ова е согласно закон, вели Грданоски.

Под „Расходи за репрезентација“ не секогаш се подразбираат само трошоците направени по хотелите и рестораните, туку и трошоци за рекламен материјал, календари, пенкала, визит карти, но сепак трошоците во рестораните се најголеми во оваа ставка. (Крај)

извор: ОхридПрес/Слободен печат фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука