Охрид, 24. декември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Групата „Шармер“ сé уште постои во секој од нас, годинава одбележуваме 30 години од формирањето и успешниот концерт во 1991-ва што се памети, вели за Супер радио и OhridPress Љупчо Стојкоски Лепи, иницијатор за формирање на бендот.
Иако како бенд функционирале само неколку месеци и со измени во составот, сепак дружењето меѓу членовите останало до ден денес. Стојкоски Лепи во краткото интервју се навраќа на почетоците и на концертните настапи.
– Покрај мене како пејач, во „Шармер“ членуваа Тони Јованоски на бас гитара, Никола Василески- Коки на клавијатури, Саше Фудо на тапани и Аце Шурбаноски на гитара. Извесен период свиревме и најинтерсно беше што тоа е годината кога станавме независни како држава, Република Македонија. По повод независноста се организиараше концерт во центарот за култура каде учествувавме со три песни. Потоа бендот се измени, тапанарот и гитаристот заминаа и добивме три нови членови: Борис Бакал на ритам гитара, Горан Кулезаноски на соло гитара и Перчо Трајаноски, вели Стојкоски Лепи.
На 25-ти декември 1991 организирале концерт, кој во тоа време бил голем како случка во градот, учествувале сите новоформирани бендови во Охрид. Тогаш ја направиле и песната „Нова година“ што наишла на позитивни реакции кај публиката. Следувале уште еден концерт, настапи во диско „Палас“, „Тропикал“ по што бендот се распаднал.
– Вториот концерт беше пред киното таму беа поканети гости и од Струга и Битола и тој беше добар концерт. Потоа настапувавме и на други места, повеќе пати бевме во тогашното диско „Палас“ и така до 2-ри мај 1992 година бевме предгрупа на „Леб и сол“ во диското „Тропикал“. Таму настана недоразбирање и тоа е веќе крај на групата, кажа Стојкоски Лепи.
Трите децении од формирањето на групата се одлучиле да го одбележат со нова верзија на песната „Нова година“, за која е изработен и видео спот, што ќе биде промовиран утре, на роденденот на бендот.
– Снимка од песната „Нова година“ не е зачувана, иако беше снимана на две места, кај Љупчо Бујароски и кај Климе Егеецот, ни едната ни другата не постои. Сега ние кои сме во Охрид, јас, Тони, Бакал и Перчо, влеговме во студио и ја снимивме одново, а иако не се во земјава, снимки за видеото испратија и другите членови. На почеток на спотот одат снимки од Охрид во новогодишен амбиент, потоа кадри како влегуваме во студио и како да се враќа времето следат кадри од концертот во киното од 1991-ва и настапи од „Палас“. Спотот ќе биде достапен на YouTube и преку социјалните мрежи, додаде Стојкоски.
Тој заклучува дека музиката во 90-те била неспоредливо далеку поквалитетна отколку што е денес, но поинакви биле и луѓето и духот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/Љупчо Лепи