Дебрца, 13. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Регионална депонија во Годивје нема да се гради, а според првиот човек на општината решение треба да се бара надвор од сливот на Охридското Езеро.
Стручната јавност, екологистите, но и жителите преку реферндум и протест кажаа „не“ за изградба на постројка за собирање на отпад во Дебрца.
Токму еден од недостатоците беше нетранспарентната постапка на носење на целокупната документација, односно не почитувањето на постапката согласно закон и не земањето во предвид на мислењето на ескпертската и стручна јавност и инстиуции, дециден е градоначалникот Зоран Ногачески.
Тој ја обжали одлуката на министерот за животна средина со која беше усвоена документацијата регионална депонија во рамки на проектот за воспоставување на интегриран систем за управување со отпад во Југозападниот плански регион да биде лоцирана во атарот на село Годивје.
Второстепената владина комисија ја усвои жалбата и го поништи решението на министерот и предметот го врати на повторно разгледување, рече Ногачески.
– Нашето мислење и еколошките аргументи укажуваат на тоа дека Дебрца, бидејќи е дел од сливното подрачје на Охридското Езеро тука воопшто не смее да биде изградена таква постројка за управување со отпад. Ние не сме против тоа проблемот со отпадот да се решава, тоа е сериозен проблем не само за овој регион туку и за цела држава и во целост ги поддржуваме забелешките и напорите на УНЕСКО дека треба да се бара решение, но бидејќи Југозападниот регион зафаќа 9 општини, решение треба да се бара надвор од сливот на Охридското Езеро, рече Ногачески и додаде дека се ангажирани се нови консултатни со можност да се изнајдат нови решенија меѓу кои поврзување на региони.
Државниот секретар во министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска потврди дека е напуштена идејата депонија да се гради во Дебрца и се ревидира студијата кој беше направена со ЕУ и која предвиде постројка во Годивје.
– До 2021 година овој проблем сигурно ќе го решиме, а уште во февруари 2020 ќе знаеме како ќе изгледа идното регионално управување со цврст отпад. Во моментов се ревидира студијата претходно направена со ЕУ и која предвиде да се изгради регионална депонија во Годивје. Ние ја напуштивме таа идеја, ја анализираме можноста да не биде во сливот на езерото што беше и заложба на граѓанските организации и да постапиме по барањата на локалното население, истакна Петровска.
Периодов на проектот работат нови консултанти и веќе во декември ќе се знае и првичната рамка. Решение се бара, а некои можности укажуваат отпадот од охридскиот регион да се носи во Битола. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес