септември 30, 2019

Охрид, 30. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Оваа среда, 2-ри октомври НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид ќе одбележи 100 години од раѓањето на писателот и поет Димче Маленко.

За животот и делото на Маленко ќе зборува професорот Славе Ѓорѓо Димоски – поет, а модератор ќе биде Милчо Јованоски. Настанот ќе се одржи во Прличевата одаја на Библиотеката со почеток во 12:00 часот.

По повод 100 годишнината од раѓањето на Маленко неговите најблиски синот и ќерката Петар Маленко и Убавка Упевче создадоа веб страница www.dimchemalenko.com на која има низа интересни факти од живот и творештво на нивниот татко а за прв пат е објавен и неговиот драмски текст „Лути сме или луѓе сме.

Роднокрајниот автор романсиер и раскажувач Димче Маленко е роден во Охрид на 21-ви септември 1919-та година. Осмолетка завршил во Охрид. Петгодишна Машка учителска школа завршил во Белград 1938 година. До 1941-ва година студирал Педагошка група предмети на Филозофскиот факултет во Скопје, (запишувајки VI-ти семестар). Бил активен учесник во НОБ е од 1941-ва година. За тоа време категорички откажал да му служи на окупаторот. За време на војната дејствувал во позадина и како партизан.

По ослободувањето бил раководител во просветата и културата во Охрид или на професорска должност, кога вонредно завршува и Филозофски факултет-група Македонски јазик со книжевност, во Скопје. Во 1965-та година е пензиониран како учесник во НОБ. За сето време живее и работи во Охрид. Член на Друштвото на писатели на Македонија е од 1971-ва година.

Димче Маленко е и значаен општествен и културен деец. Бил учесник или директен иницијатор за создавањето на бројни манифестации како „Охридско лето“, „Струшки вечери на поезијата“, „Прличеви беседи“, како и на неколку културни институции во Охрид – Библиотеката „Григор Прличев“, народниот универзитет „Кузман Шапкарев“, охридскиот театар од педесеттите и други. Целиот свој животен век го посветил на подигање на културното живеење во Охрид и Македонија, подигање на нивото и богатството на македонскиот литературен јазик, чиј добар познавач беше, што може да се забележи со читањето на неговите дела.

Почина во Охрид во 1990 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

 

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука